Ekipa
26 Декември 2019•Ажурирај: 27 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, изјави дека над 30.000 полицајци се отпуштени од служба во рамките на борбата против терористичката организација ФЕТО, одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во 2016 година, јавува Агенција Анадолија (AA).
Говорејќи на церемонијата за доделување дипломи за заменици-началници на полицијата во Анкара, Шентоп истакна дека третина од отпуштените биле високи полициски службеници.
„1.866 се суспендирани поради истрагите што се водат против нив“, рече Шентоп.
Истакна дека 10.311 службеници се вратени на работа, откако не се пронајдени докази што ги потврдуваат наводите.
Претседателот на турскиот Парламент потсети на обидите на терористичката група да се инфилтрира во Полициската академија уште од 1980-тите години.
Шентоп ја повтори клучната улога која Полициската академија ја игра во одржувањето на безбедноста и мирот не само на национално, туку и на меѓународно ниво, обучувајќи ги силите од 76 земји.
ФЕТО е терористичка организација којашто ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чија екстрадиција Турција официјално ја бараше од САД.
Членовите на таа терористичка организација со години преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч кој го изведоа офицери што ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа, којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На ова во повеќе наврати укажуваа и турските власти. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а повредени беа околу 2.200.