Gökhan Ergöçün
30 Декември 2025•Ажурирај: 31 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Шпанија потпиша договор со Турција за купување 30 турски млазни авиони за обука „Хурџет“ (HURJET), во вредност од 2,4 милијарди евра, објави шефот на Секретаријатот за одбранбена индустрија на Турција, јавува Анадолу.
Првиот национален млазен авион за обука на Турција, „Хурџет“, постигна историски успех на извоз за одбранбената индустрија на земјата со тоа што беше официјално избран од страна на шпанските воздухопловни и аеровселенски сили, истакна Халук Ѓорѓун на турската платформа за социјални медиуми NSosyal.
Тој нагласи дека овој чекор е конкретна демонстрација на позицијата на Турција како доверлив, претпочитан и водечки извозник во одбранбената индустрија.
Испораките во рамките на програмата се закажани да започнат во 2028 година, рече Ѓорѓун, додавајќи: „Овој договор е мултидимензионален пакет за извоз од одбранбената индустрија со висока додадена вредност, кој вклучува извоз на 'Хурџет', интегрирана архитектура за обука што опфаќа напредна обука на борбени пилоти, системи за симулација и обука на земја, инфраструктура за одржување и одржливост и елементи за долгорочна оперативна поддршка.“
Фактот дека авион за обука на млазен погон дизајниран и произведен со домашни капацитети ќе биде вклучен во инвентарот на земја членка на Европа и НАТО, јасно го покажува нивото што го има достигнато одбранбената индустрија на Турција во областите на дизајн, производство, системска интеграција, сертификација и одржливост, нагласи тој.
Додаде дека со „Хурџет“, Турција станува структура што произведува и извезува висока технологија во областа на воздушните платформи и има влијание врз глобалниот пазар, додека извозот на турската одбранбена индустрија, исто така, достигнува нов праг во однос на квалитетот и обемот.
Во мај, Шпанија потпиша договор со Турција за увоз на Хурџет, а во октомври одобри набавка на нов систем за модерна обука на пилоти на борбени авиони со приспособена верзија на суперсоничниот авион.
Турскиот проект „Хурџет“ започна во август 2017 година, а авионот го имаше својот прв лет во април 2023 година. Пред тоа, првата завршена компонента влезе во финалната производствена линија во јуни 2022 година, по што следуваа тестирање на земја што вклучуваа испитувања на опремата за слетување, проверки на жиците, механизмите на капакот кај пилотот и целосни тестирања на авиониката, електричната опрема и системот за гориво.