Emin Avundukluoğlu
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес изјави дека е неприфатливо тоа што некои кругови ја мешаат и ја поистоветуваат операцијата „Маслинова гранка“, којашто ја спроведуваат турските сили во Африн, со злосторствата во Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сосема е јасно дека последната резолуција на Советот за безбедност на ОН се однесува на Источна Гута. Турските сили во операцијата во Африн не ги напаѓаат цивилите, туку терористичките организации. Тоа е операција за расчистување на терористите и спасување на цивилите. Целта на резолуцијата не е запирање на борбата против тероризмот, туку запирање на злосторствата над цивилите во Источна Гута“, порача шефот на турската Влада, Бинали Јилдирим, на денешниот состанок на парламентарната група на Партијата за правда и развој (AK Parti) во Анкара.
Моментално во северозападна Сирија во тек е операцијата „Маслинова гранка“ за расчистување на подрачјето на Африн (близу турската граница) од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ.
Јилдирим го повика светот да не ја меша турската операција „Маслинова гранка“ за борба против тероризмот во северозападна Сирија со масакрот во сириската енклава Источна Гута.
Турската операција „Маслинова гранка“ започна на 20 јануари со цел да ги расчисти терористите на ПЈД/ЈПГ/ПКК-ДЕАШ од границата и да ги заштити турските и сириските цивили, притоа преземајќи посебна грижа во антитерористичката операција да не бидат повредени цивили.
„Главната цел на резолуцијата на ОН не се операциите што се спроведуваат против терористичките групи, туку спречување на масакрите врз цивилите во Источна Гута“, додаде Јилдирим.
Советот за безбедност на ОН во саботата ја усвои резолуцијата со која се бара 30-дневно примирје во Сирија без одложување.
Вчера, рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, рече дека Русија ќе воведе дневна хуманитарна пауза во Источна Гута од 27 февруари според одлуката на рускиот претседател Владимир Путин.
Јилдирим истакна дека Турција ја поздравува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за Сирија.
Во врска со нападите на сирискиот режим врз Источна Гута и покрај резолуцијата за прекин на огнот, Јилдирим рече: „Постојат сериозни тврдења дека таму (во нападите врз Источна Гута) се користи хемиско оружје“.
Источна Гута, предградие на Дамаск, е под опсада последните пет години, а пристапот на хуманитарната помош до подрачјето, кое е дом на околу 400.000 луѓе, е целосно прекинат.
Во изминатите осум месеци, силите на Асадовиот режим ја интензивираа опсадата на Источната Гута, што го направи речиси невозможно внесувањето храна или лекови во подрачјето, оставајќи илјадници пациенти без третман.
Според официјалните претставници на ОН, од ескалацијата на нападите врз Источна Гута, на 19 февруари, загинаа 500 цивили, а околу 1.500 се повредени; 24 здравствени установи беа погодени од гранатирањата и воздушните напади.