Barış Gündoğan
03 Март 2018•Ажурирај: 04 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес порача дека сириски Африн е опколен и дека во потполност ги исчистиле подрачјата во близина на турската граница, јавува Anadolu Agency (AA).
„Африн е опколен. Во потполност ги исчистивме подрачјата во близина на нашата граница. Сега нашите сили и ФСА чекор по чекор се поместуваат кон Африн. Каде што постои опасност од тероризам тоа е нашата цел. Денес е Африн утре некое друго место“, истакна Јилдирим за време на конгресот на владејачката партија Правда и развој (АК Партија) во Коња.
„Нашите турски војници испишуваат историја во Африн. Тие исто така од терористите го исчистија и Рајо (град во Африн)“, рече Јилдирим.
Турскиот премиер додаде дека Турција ќе ја елиминира секоја закана против граничната безбедност, територијалниот интегритет и безбедноста за животите на луѓето и имотот.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација. ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.