Ali Osman Kaya,Rüveyda Mina Meral
11 Март 2026•Ажурирај: 13 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Сместена на еден од седумте ридови што доминираат над заливот Халич (Златниот Рог), во истанбулскиот кварт Фатих, џамијата „Јавуз Султан Селим“ се издвојува како еден од најраните примери на класичната османлиска архитектура, привлекувајќи го вниманието со својата локација и архитектонски карактеристики, јавува Анадолу.
Во дел од рубриката на Агенцијата Анадолу (АА) насловен „Џамии на султанските династии во Истанбул“, детално е претставена џамијата подигната во чест на султанот Јавуз Селим.
Изградбата на овој објект, по налог на неговиот син Кануни султан Сулејман, била завршена во 1520-тите години.
Џамијата се наоѓа на еден од седумте ридови на Истанбул. Благодарение на својата висока позиција со поглед кон Златниот Рог, таа зазема значајно место во препознатливата градска силуета. Oбјектот се смета за еден од првите примери во османлиската архитектура со план на централна купола.
Главниот молитвен простор е покриен со една голема купола, поддржана од систем на странични ѕидови и лакови, што на градбата ѝ дава едноставен, но урамнотежен архитектонски изглед.
Мермерната изработка и украсите од плочки (чини) користени во внатрешноста се меѓу елементите што ја истакнуваат уметничката вредност на објектот.
Џамијата „Јавуз Султан Селим“ не е само место за богослужба, туку претставува центар на комплекс објекти, кој вклучува медреса, мавзолеј, основно верско училиште и разни објекти на добротворни фондации.
Дворот на џамијата е широк и простран, со куполна фонтана во средината, додека двете минариња, секое со еден балкон, ја комплетираат силуетата на градбата.
Денес, џамијата „Јавуз Султан Селим“, која според своите архитектонски карактеристики и локација се вбројува меѓу најзначајните историски градби во Истанбул, се смета за едно од клучните дела што го одразуваат раниот развој на класичниот стил во османлиската архитектура.
Историчарот на уметност Јасин Сајгили, во изјавата за АА, ги појасни архитектонската структура на џамијата „Јавуз Султан Селим“, комплексниот распоред, причините за нејзината доминантна позиција над Златниот Рог (Халич), како и нејзините декоративни елементи.
Сајгили истакна дека џамијата „Јавуз Султан Селим“ се наоѓа на местото на цистерната која одамна е позната како цистерна „Аспар“, а во подоцнежните периоди се споменува и како цистерна „Јавуз Селим“.
Сајгили појасни дека станува збор за комплекс изграден на еден од ридовите на Истанбул, додавајќи: „Се вели дека тоа е земјиште кое е малку надвор од главната линија и кое го избрал самиот Јавуз. Архитектот на џамијата е предмет на дебата, меѓу Мимар Синан и Аџем Али. Сепак, современите извори повеќе го фаворизираат Аџем Али, бидејќи во тој период Мимар Синан сè уште ја немал потребната титула или бирократска функција за да раководи со изградбата на ваква џамија.“
Сајгили нагласува дека џамијата „Јавуз Султан Селим“ е издигната на еден од врвовите на Истанбул, со поглед кон Златниот Рог.
„Заедно со џамијата ’Сулејманија‘, подигната подоцна од Кануни султан Сулејман, ова е една од двата најзначајни објекти, првата глетка што го маѓепсува погледот на секој патник кој доаѓа од море. Тука се наоѓаат мавзолеите на Јавуз султан Селим и неговата сопруга. Векови подоцна, во 19 век, султанот Абдулмеџит, поради големата почит кон својот прадедо, исто така побарал неговата гробница да биде изградена токму на ова место“, додаде Сајгили.