Faruk Zorlu
17 Октомври 2023•Ажурирај: 17 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, изјави дека официјална Анкара предлага формирање систем на гаранти за израелско-палестинскиот судир, нагласувајќи ја централната улога на Туркије во обликувањето на идејата, известува Анадолу.
Обраќајќи им се на новинарите во Министерството за надворешни работи во Анкара, главниот град на Туркије, министерот Фидан ја нагласи потребата повеќе земји, вклучително и Туркије, да дејствуваат како гаранти откако двете страни ќе постигнат договор, со одговорност да ја обезбедат неговата имплементација.
Фидан, исто така, ја нагласи и важноста на меѓународниот притисок врз Израел да го усвои решението за две држави, истакнувајќи дека Туркије веќе ги споделила своите ставови за ова прашање со други држави.
Разговорите меѓу турскиот министер за надворешни работи и американската страна покажаа дека администрацијата на Џо Бајден, исто така, го поддржува решението за две држави. Министерот Фидан укажа на потребата меѓународната заедница да преземе поактивна улога во решавањето на израелско-палестинското прашање.
Тој нагласи и дека распоредувањето на мировните сили од Туркије во регионот не е на дневен ред, но го истакна значењето на преземање чекори кон дводржавно решение со цел постигнување траен мир.
Шефот на турската дипломатија истакна дека е неопходно државите од регионот да преземат одговорност и да заземат единствен став кога која било страна го прекршува договорот.
На крајот, министерот Фидан нагласи дека присуството на земјите гаранти ќе биде клучно во постигнувањето одржливо решение за израелско-палестинскиот судир.