култура и уметност, Балкан

„Ексклузивни ќе бидат повеќето од концертите“, изјави директорот на Скопскиот џез-фестивал

- Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, истакна дека нѐ очекува убав четиридневен џез-фестивал, додавајќи дека „повеќето концерти се ексклузивни и се случуваат само во Скопје“.

Abdula Berisha  | 14.10.2024 - Обновена : 15.10.2024
„Ексклузивни ќе бидат повеќето од концертите“, изјави директорот на Скопскиот џез-фестивал Фото: Абдула Бериша

СКОПЈЕ (АА) - Во главниот град на Северна Македонија од 17 до 20 октомври ќе се одржи 42. издание на „Скопскиот џез-фестивал“, јавува Анадолу.

Во пресрет на фестивалот организаторите одржаа прес-конференција на која информираа за концептот, програмата и годинашните новости.

Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, истакна дека нѐ очекува убав четиридневен џез-фестивал, додавајќи дека „повеќето концерти се ексклузивни и се случуваат само во Скопје“.

Зборувајќи за програмата, тој истакна дека во концептот се води грижа фестивалот да остане меѓу неколкуте фестивали што имаат најкреативна програма во светот.

„Оваа програма ја следи концепцијата на фестивалот последниве години, кој беше оценет како многу успешен, а тоа е да го претставува она што е најактуелно и, што е многу важно, најкреативно од џезот и импровизираната музика“, рече Белопета.

Меѓу многуте меѓународни ѕвезди што ќе настапат на фестивалот, тој ја истакна големата американска пејачка, „најдобрата џез-пејачка во последната декада според 'Њујорк тајмс'“, Сесил Меклорин Салвант.

Организаторите најавија и придружна програма со документарни филмови поврзани со џезот, како и изложбата „Радикал Кимерас“ на Роб Мазурек.

Исто така, ќе биде доделена награда за најдобар музичар во минатата година во Северна Македонија, а годинава е планирана и работилница за деца, „Џес фор кидс“, во Европската куќа (Europe House).

Белопета во говорот се пожали од слабата поддршка од локалните и централни власти.

Свеченото отворање на „Скопскиот џез-фестивал“ е на 17 октомври во Националната опера и балет, а настани се предвидени и во Македонскиот културен центар. Цената на комплетот билети е 3.500 денари.

„Скопскиот џез-фестивал“ е една од водечките културни манифестации во Северна Македонија, со традиција од 42 последователни години и со извонредна репутација во Европа и во светот. Се вбројува меѓу водечките џез-фестивали во Европа. Фестивалот започна во 1982 година, а во неговата историја се впишани настапите на најславните имиња на американскиот и европскиот џез, на латиноамериканската и африканската музика, како и најдобрите македонски музичари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.