Bojana Stojanovic
02 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
БЕЛГРАД (АА) - Косово е отворено прашање, но не е единствено прашање важно за европскиот пат на Србија, изјави денес еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан, во Белград, јавува Аnadolu Agency (AA).
Откако со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на потпишувањето на Договорот за спроведување на акционата ИПА-програма за Србија за 2017 година во износ од 41.177.139 евра, Хан на заедничката прес-конференција со претседателот Вучиќ во Белград истакна дека денес ќе се воздржат од каков било коментар во однос на прашањето за Косово.
„Сите знаеме дека тоа е отворено прашање, но не е единственото прашање за Србија на европскиот пат“, рече Хан.
Хан се осврна на Договорот, истакнувајќи дека тие средства ќе се искористат за реформа на правосудниот систем на Србија.
„Очигледно е дека владеењето на правото е во сржта на преговорите и претставува клучно прашање во тие преговори, но битно е и за привлекување нови инвеститори. Тоа е нешто што е суштински важно, што влијае врз животот на луѓето“, наведе Хан.
Како што истакна, тоа е „еден мал дел од финансиската помош и одраз на нашето силно определување во целост да ја поддржиме Србија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите“.
Тој нагласи дека на денешната средба со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ќе разговара и за амандманите на Уставот на Србија, како и за слободата на медиумите и медиумската стратегија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека со Хан разговарале за различни теми - регионалната стабилност, европскиот пат на Србија, но и за прашањето за Косово.
„Ние ќе се обидеме да го сочуваме мирот во односите со Приштина, да разговараме и трипати дневно ако е потребно, и да го сочуваме животот на секој жител на Косово, без оглед на тоа дали е Србин или Албанец. Нашата работа е да тежнееме кон договор и да се обидеме тој компромис да го постигнеме; и подобро е десет години да се помачите и да преговарате, отколку да имате еден час војување. Ние ќе вложиме сè да се дојде до компромис, но Србија никој нема да ја понижува ниту да ја руши, без разлика колку тоа некому му делува можно“, додаде Вучиќ.
Тој изрази уверување дека Србија, со поддршка на ЕУ и пријателите како што е Хан, ќе успее да го најде своето место во Европа.
Вучиќ му се заблагодари за разбирањето на Хан и за разумниот пристап кон сето она што се случува во Србија и ЕУ, додавајќи дека трговската размена меѓу Србија и ЕУ од година во година се зголемува, како и бројот на инвеститори кои доаѓаат во Србија.
Вучиќ истакна дека во првите три месеци од оваа година Србија има најголем економски раст во регионот, кој изнесува 4,6 отсто.
„Се надевам дека до крајот на годината ќе успееме да го одржиме 4,1 отсто или 4,2 отсто“, рече Вучиќ.
Тој истакна и дека нивото на јавниот долг ќе биде помало од 50 отсто до крајот на годината.
Коментирајќи го денес потпишаниот договор, Вучиќ истакна дека овие пари ќе бидат искористени за поддршка на евроинтеграциите на Србија во областа на судските реформи.