Bojana Stojanovic
03 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
БЕЛГРАД (АА) - Косовското прашање треба да се реши со компромис, со почитување на интересите на Србија, изјави денес во Белград, претседателот на Украина, Петро Порошенко, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина и дека се надева оти сите проблеми во таа земја ќе бидат решени на мирен начин, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакам јасно да кажам дека ние го почитуваме, го уважуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Србија. Ние не го признавме Косово. Зеземаме став дека проблемот со Косово треба да се реши со компромис, со уважување на интересите на Србија“, рече Порошенко.
Тој наведе и дека Украина се држи до ставот за територијалниот интегритет на својата земја.
„Ние се држиме и остануваме на ставот за независноста и територијалниот интегритет на нашата земја, вклучувајќи го и Крим, и ги вложуваме сите напори украинскиот суверенитет да се обнови на сите територии. Сметаме на безусловна поддршка од Србија во врска со воведувањето мировни мисии на Обединетите нации“, истакна Порошенко.
На заедничката прес-конференција, Порошенко наведе дека денешниот состанок е продолжение на разговорите во Турција, на пуштањето во функција на Трансанадолискиот гасовод.
„Украина и Србија немаат никакви проблеми во билатералните односи“, рече тој, додавајќи дека двете земји се многу блиски.
Како што понатаму додаде, уште една стратешка цел што ги поврзува двете земји се евроинтеграциите на Србија и Украина. Тој изрази надеж дека двете земји ќе станат членки на Европската Унија до 2025 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ наведе дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина, како што и Украина го почитува територијалниот интегритет на Србија.
„Се надеваме и сакаме сите проблеми во Украина да се решат на мирен начин, и сметаме дека ОБСЕ е многу важна алка во воспоставувањето на мирот“, рече Вучиќ.
Тој истакна и дека е многу важно одговорно, сериозно да работат за унапредување на односите помеѓу двете земји.
Како што објасни, дури од 2017 година, по големиот пад во текот на подолг период, започнало зголемувањето на трговската размена меѓу двете земји, и таа, минатата година изнесувала 357 милиони американски долари.
„И понатаму имаме значителен дефицит. Треба да дадеме одредена инјекција и прво да достигнеме цифра од милијарда евра“, рече Вучиќ.
Тој изрази уверување дека во наредниот период ќе биде потпишан договор за слободна трговија меѓу Србија и Украина.
Пред заедничката прес-конференција, во рамките на посетата на Порошенко на Србија, потпишани се Договор помеѓу Владата на Србија и Кабинетот на министри на Украина за измена на Договорот за укинување на визите за државјаните на Украина, како и Протокол за соработка во областа на размената на статистичките податоци. Беа одржани средби на двајцата претседатели, како и на двете делегации, а Порошенко беше пречекан со највисоки државни почести.