СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за уставни прашања во Собранието на Македонија ја започна дебатата за предлогот на Владата за пристапување кон уставни измени, кој содржи инструкции за измени и дополнување на Уставот на Македонија, потребни за спроведување на Договорот постигнат со Грција за решавање на спорот за името, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата на оваа Комисија, предводена од претседателот на Собранието и претседател на оваа Комисија, Талат Џафери, беа присутни сите парламентарни групи, вклучувајќи ги и пратениците на опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа против дневниот ред.
Парламентарните групи на владината коалиција бараат поддршка од пратениците за потребните уставни промени, додека парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на тоа, сметајќи ги овие промени штетни за народот и за македонскиот идентитет.
На почетокот на дебатата беше присутен и премиерот Зоран Заев, кој упати апел до пратениците да се обединет за стратешките цели на земјата.
Заев нагласи дека нема ништо спорно во предлогот за уставни промени и дека оваа иницијатива е во согласност со законите и институционалните процедури.
„Стручната, академска јавност оцени дека предложените насоки се во согласност со меѓународното право и меѓународите стандарди за човековите слободи и права, и особено, со интересите на Република Македонија и нејзините перспективи низ евроатланските интеграции. Она што го зборувавме во референдумската кампања, сега е пред очите на целата македонска јавност. Таму јасно се гледа дека тие измени заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и во име на клучниот интерес на сите граѓани, а тоа е подобар живот. Тука. Во Македонија“, рече Заев.
Тој истакна дека во предлогот на Владата за уставни промени се вклучени придавката „Северна“ во моменталното име на Република Македонија, измени во преамбулата на Уставот, гаранции за границите на Македонија, како и грижа за културните, економските и социјалните права на државјаните на Македонија во странство без да се интервенира во внатрешните работи на странските земји.
Од друга страна, членот на Комисијата за уставни прашања од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, рече дека Договорот меѓу Македонија и Грција е постигнат со тајни преговори меѓу неколку политичари од власта.
Тој нагласи дека се работи за национално прашање, и дека според него, Договорот му наштетува на македонскиот народ.
„Наместо чувство дека Договорот е дело и на нашето општество, на граѓаните, се работи за туѓо наметнато решение и за спогодба која ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност кон друга држава. Ова чувство на наметнато туѓо решение дополнително се зацврстува кога за споредба ќе се земат изјавите на владините први луѓе оваа година кои тврдеа дека може да се постигне решение со Грција без да се менува Уставот на Република Македонија“, додаде Вељаноски.
Вељаноски, поранешен претседател на Собранието на Македонија, истакна дека Собранието нема мандат за промена на Уставот на Македонија, а дека моменталната Влада нема двотретинско мнозинство за да ја промени одлуката на народот, кој на референдумот, рече тој, не излезе на гласање, туку одлучи да бојкотира.
Дебатата во Комисијата за уставни прашања трае неколку дена, а за в понеделник е предвидена пленарна седница, на која на дневниот ред ќе биде предлогот за вклучување кон уставни промени, за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Уставните промени се дел од Договорот со Грција, според кој земјата треба да го смени името во Република Северна Македонија.
Владините инструкции беа предложени по вонредната владина седница која се одржа во понеделникот.
Предлогот за уставни промени и дополнувања содржи неколку точки, и тоа вклучување на придавката „Северна“ во моменталното име на Република Македонија, измени во преамбулата на Уставот, гаранции за границите на Македонија, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство.
Потсетуваме, по одржувањето на референдумот за прифаќање на Договорот со Грција и интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, Владата и опозицијата излегоа со различни ставови.
Владата побара Договорот да биде ратификуван во Собранието со двотретинско гласање, кое моментално не го поседува, или во спротивно, одржување предвремени парламентарни избори, додека опозицијата побара да се отфрли Договорот со Грција, или да се формира 100-дневна техничка влада за одржување на предвремени избори.
Излезноста на консултативниот референдум на 30 септември изнесуваше 36,91 отсто, од кои 91,46 отсто гласачи гласаа „за“, додека 5,65 отсто гласаа „против“, а за надминување на цензусот, потребни се 50 отсто од вкупниот број гласачи.