Abdula Berisha
13 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на денешната конференција посветена на состојбата со коронавирусот зборуваше и за евроинтегративните процеси на земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Претседателот Пендаровски рече дека и покрај исклучително лошата состојба во Шпанија, која е меѓу земјите со голем ризик од светската пандемија на коронавирус, е закажана седница на шпанскиот Парламент на 17 март, на која единствената точка на дневен ред е ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
Шпанија е последната земја членка на НАТО што не го усвои Протоколот за пристапување на Северна Македонија. Усвојувањето на овој протокол од страна на шпанскиот Парламент беше пролонгирано поради тамошните парламентарни избори и одложувањата во формирањето на парламентарното мнозинство.
Меѓутоа, поради светската пандемија на коронавирус, Пендаровски рече дека нема да биде организирана симболичката церемонија на депонирање на Протоколот за пристапување во Вашингтон, настан што беше закажан за 23 март.
Зборувајќи за европските интеграции, Пендаровски рече дека внатрешните координации во ЕУ за одредување датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ се завршени и се очекува тие да бидат официјализирани на 26 март.
„Нашите информации, моите информации по официјални канали добиени, укажуваат дека двете држави, Северна Македонија и Албанија, ќе добијат 'зелено светло' на 26 март. Но, повторно оставаме тоа, дел од нашите пријатели и партнери од ЕУ кои од понеделник натаму ќе доаѓаат во Скопје, да ни го образложат во детали“, рече Пендаровски.
Потсетуваме дека како резултат на противењето на Франција, Европскиот совет на својот октомвриски самит не одлучи да одреди датум за почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.