Alma Çekovic
03 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
САРАЕВО (AA) - „Дефинирање на Санџак како посебен територијален политички ентитет со законодавна, извршна и судска власт претставува минимум за биолошкиот опстанок и политичката егзистенција на бошњачкиот народ во Санџак“, изјави во Сараево Сулејман Угљанин, претседателот на Странка на демократска акција (СДА) Санџак, јавува Anadolu Agency (AA).
Угљанин ова го порача на редовната сесија на Асоцијацијата на независни интелектуалци „Круг 99“, каде што како воведничар говореше на темата „Автономија на Санџак - што е тоа и зошто?“.
„Поаѓајќи од моделот на Бадинтеровата комисија за трајно решение на југословенската криза, со признавањето на авнојските граници за меѓународни граници на новонастанатите држави на просторот на поранешна Југославија и со воспоставување специјален статус за деловите на народите кои остануваат надвор од матичната држава, СДА Санџак изготви предлог за решавање на статусот на Санџак во рамките на реформата на политичкиот систем на Република Србија“, рече Угљанин.
Тој предлог СДА Санџак го достави до претседателот на Република Србија, до Собранието и Владата на таа земја, до претседателот на Собранието на Црна Гора и до другите фактори кои се занимаваат со тоа прашање, како и до меѓународните претставници на ЕУ, САД и ОН.
„Чувството на граѓаните на Санџак, посебно на Бошњаците кои БиХ ја доживуваат како своја национална држава, има втемеленост во историските, правните и политичките факти. Од тие причини денес оваа платформа сакам да ја претставам на пошироката босанско-херцеговска јавност. Дефинирањето на Санџак како посебен територијален и политички ентитет со законодавна, извршна и судска власт претставува минимум за биолошкиот опстанок и политичка егзистенција на бошњачкиот народ во Санџак“, рече Угљанин.
Истакна дека специјалниот статус на Санџак како „територијално-политичка заедница на рамноправни граѓани и народи, во која Албанците, Бошњаците, Црногорците и Србите се конститутивни народи, претставува клуч за решавање на сите политички и територијални спорови на соседните држави и народи на Балканот и треба да биде нуклеус на регионалната стабилност и соработка“.
„Следејќи ја таа политика на мирот и разбирање за трајно решение на југословенската криза, граѓаните на Санџак животно се заинтересирани за суверена БиХ, која во втор степен преку билатералните односи би го дефинирала статусот на Бошњаците и сите други народи кои живеат во Санџак. Во таа смисла, Санџак како таква заедница на рамноправни граѓани и народи би бил, да кажам така, модел за решавање на сите територијални и политички спорови помеѓу државите и народите на Балканот“, порача Угљанин.