Medin Halilovic
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
НОВИ ПАЗАР (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во заедничко обраќање пред граѓаните со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Нови Пазар порача дека Србија ќе вложува сѐ повеќе пари во деловите на земјата кои не се богати како Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ пред насобраните граѓани изјави дека во наредните месеци ќе почне со изработка на проектната документација за трасата на Коридорот 11 на автопатот Пожега – Бољаре, кој поминува преку Пештерската висорамнина, за овој регион да се спои со Белград, Сараево и со Подгорица.
„Наша работа е да правиме патишта, болници, училишта и градинки. Ќе продолжиме да работиме и за нас не постои ништо поважно од тоа. Знам дека тука нема да бидам поздравен ни половина како Реџеп Таип Ердоган, но имам доволно храброст и чиста совест да излезам пред вас и да кажам дека правев и ќе правам сѐ најдобро што можам во ваш интерес и во интерес на секој граѓанин на Србија, без оглед на верата и нацијата, и така ќе продолжам“, изјави Вучиќ, изразувајќи благодарност кон претседателот Ердоган.
Тој нагласи дека турскиот претедател мисли и сака многу да му помогне на овој крај.
„Да живее турско-српското пријателство, да живее Србија“, порача Вучиќ.
Тој посочи дека за време на денешните средби е разговарано и за важните проекти за Нови Пазар, Тутин, Сјеница, но и за Краљево, Рашка, Пријепоље и за Нови Варош.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, престојува во дводневна посета на Србија, во чии рамки денес го посети Нови Пазар.
Ердоган во Нови Пазар го дочекаа повеќе од 15.000 граѓани.
По обраќањето пред граѓаните, Ердоган и Вучиќ прошетаа на новопазарското шеталиште и се поздравија и разговараа со насобраните граѓани на Нови Пазар, санџачките општини и со граѓаните кои пристигнаа од различни делови на Србија.