Admir Fazlagic
16 Март 2018•Ажурирај: 16 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија оствари средба со висока делегација на Европската Унија, предводена од Педро Серано, заменик-генерален секретар за заедничка безбедносна и одбранбена политика, во чиј фокус беше зајакнувањето на соработката во борбата против тероризмот и радикализмот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Собранието на Република Македонија, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност Хари Локвенец на средбата дал една ретроспектива на плодната соработка меѓу Република Македонија и Европската Унија, остварените средби, состаноци, програми, стратегии, планови, активности, што беше вовед во една квалитетна дискусија за така важно прашање како одбраната и безбедноста.
Членовите на делегацијата позитивно ги оцениле реформските процеси, притоа искажувајќи благодарност за учеството на Република Македонија во мировните мисии, како и за придонесот во соочувањето со миграциската криза, се вели во соопштението.
На полето на одбраната, безбедноста и стабилноста, се наведува во соопштеието, Македонија се однесува како да е дел од ЕУ и НАТО и така и ќе продолжи во иднина, затоа што глобалниот мир е во заеднички интерес.
„Континуираната ЕУ поддршка е од особена важност за нас, како мала земја, со недоволно ресурси и капацитети. Бидејќи влијанието е силно, се јавува потребата од зајакнување на капацитетите, построги механизми, поголеми финансии во областа на одбраната и безбедноста, зголемена внимателност на границите и обраќање повеќе внимание на локалните борци, оние кои не се поврзани, туку инспирирани, како и на финансирањето кое стигнува за ваквите групации преку разни канали. Инвестирањето во образованието и културата е од клучно значење, вработувањето исто така", пишува во соопштението од Собранието на Република Македонија.
Меѓу другото, на средбата било потенцирано значењето на улогата на Парламентот во донесувањето и имплемантацијата на законите и неговата надзорна функција.
„Република Македонија ги следи сите директиви од ЕУ - препораки, мерки, процеси, резолуции. Во Собранието постои согласност за донесување законски акти против секаков вид насилство. Сите пратеници, без разлика на која партија припаѓаат, се дел од овој фронт против екстремизмот, тероризмот и радикализмот и заедно со ЕУ оваа битка треба да се добие. Тероризмот не познава граници, религии, култури, тој е заедничко зло и затоа треба заеднички да го победиме", се истакнува во соопштението по повод средбата на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија и висока делегација на Европската Унија.