Yusuf Özcan
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Сакаме територијален интегритет на Ирак и силна ирачка држава, порача францускиот претседател Емануел Макрон денес во Париз, по состанокот со ирачкиот премиер Хајдар ал Абади, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот, Макрон и Абади се обратија на заедничката прес-конференција во Елисејската палата.
Пред состанокот на двајцата лидери, меѓу Франција и Ирак беше потпишан протокол чиј план ќе ја зајакне соработката на полето на високото образование и научното истражување. Протокол потпишаа и министерот за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан и ирачкиот министер за високо образование, Абдулрезак Абдулџелил ал-Иса.
Макрон истакна дека ирачко-француските односи добиле нова димензија. „Отсега сме партнери, денес во контекст на билатералните односи мораме да отвориме една нова страница“, изјави тој.
Францускиот претседател додаде дека една од темите во разговорот со Абади била и борбата против тероризмот, и порача дека неговата земја ќе остане во Ирак доколку е потребно, кога станува збор за борбата против тероризмот.
Тој нагласи дека Франција ќе продолжи да дава секаков вид поддршка за решавање на секое прашање во Ирак, и додаде: „За стабилноста на Ирак, неопходна е стабилноста на Сирија“.
Макрон се осврна и на неодамнешниот нелегитимен референдум спроведен во Курдската управа во северен Ирак, и додаде:
„Како што реков и пред референдумот, сакаме територијален интегритет и силна ирачка држава. Наредната недела би требало да се формира дијалог за територијалниот интегритет, а законските права на Курдите треба да се обезбедат во уставните рамки“.
Тој потсети дека Франција му одобрила на Ирак долг од 430 милиони, и дека во текот на денот ќе бидат ставени и потписи во врска со тоа.
Ирачкиот премиер Абади нагласи дека борбата против тероризмот ќе продолжи, и оти Франција тука има значајна улога.
Според неговите зборови, борбата против терористите на ДЕАШ ќе продолжи и покрај напнатоста во земјата којашто настана по неодамнешниот референдум.
„Не сакаме никакви судири меѓу ирачките безбедносни сили. Мора да се зачува владеењето на федералните структури. Никој не може да ги крши федералните овластувања“, порача Абади и ја повика меѓународната заедница за поддршка, за да се спречат тензиите во неговата земја.