Балкан

Албанија ги отвори преговорите за првиот кластер за членство во ЕУ

- Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека отворањето на кластерот претставува големо достигнување и за Албанија и за ЕУ ​​и според него, претставува историски камен-темелник во заедничкото патување кон целосно европско обединување

Fatjon Cuka  | 15.10.2024 - Обновена : 16.10.2024
Албанија ги отвори преговорите за првиот кластер за членство во ЕУ

ТИРАНА (АА) - Во Луксембург се одржа Втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската Унија (ЕУ), по повод официјалното отворање на преговорите за првиот кластер за процесот на членство на Албанија во ЕУ, јавува Анадолу.

По завршувањето на меѓувладината конференција, заедничка изјава за медиумите дадоа премиерот на Албанија, Еди Рама, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, земја која претседава со ЕУ, како и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.

Рама истакна дека отворањето на кластерот претставува големо достигнување и за Албанија и за ЕУ ​​и според него, претставува историски камен-темелник во заедничкото патување кон целосно европско обединување.

„Ние Албанците не можеме да имаме план Б кога станува збор за индивидуалната слобода, владеењето на правото и функционалната демократија. Историјата нè научи на потешкиот начин дека тоа не може да се најде, па дури и да се гарантира надвор од сферата на ЕУ. Тоа се А, Б и Ц на европскиот начин на живот. Изборот на алтернатива за полноправно членство во ЕУ би бил да се откажеме од начинот на живот што неодамна го избравме“, рече Рама.

Рама додаде дека Албанија апсолутно ги исполнила сите предуслови за да ја започне оваа фаза од членството и останува цврста во својата определба да ги исполни сите идни обврски.

Албанскиот премиер рече дека унгарското претседателство со Европската Унија одигра многу важна улога во овој процес.


- „Оваа нова енергија, за која имаме потреба, апсолутно ќе дојде од Западен Балкан“

Министерот Сијарто рече дека преговорите со Албанија се започнати со цел таа што поскоро да стане членка на ЕУ.

„Прашањето за забрзување на проширувањето на ЕУ кон регионот на Западен Балкан беше на врвот на агендата на унгарското претседателство. Разбираме дека ЕУ ја губи конкурентноста, ја губи својата тежина кога станува збор за глобална политика и светска економија. Така разбираме дека на ЕУ ѝ треба свежина, нова енергија, нов стимул. Оваа нова енергија, за која имаме потреба, апсолутно ќе дојде од Западен Балкан“, рече Сијарто.

Тој додаде дека мора да се преземат итни чекори за одржување на кредибилитетот на политиката за проширување.


- „ЕУ очекува Албанија да ги преземе неопходните реформи за да стане земја членка“

Комесарот Вархеји, обраќајќи му се на премиерот Рама, истакна дека Европската Унија очекува Албанија да ги преземе неопходните реформи за да стане земја членка.

„Мислам дека сега е неспорно за ЕУ ​​и нејзините лидери дека проширувањето е меѓу трите главни приоритети. Тоа е меѓу овие три приоритети затоа што без проширување, Европа не може да стане посилна. Ни треба проширување за Европската Унија да стане посилна“, нагласи Вархеји.

Албанија е земја кандидат за членство во Европската Унија од 2014 година. Првата меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ се одржа во јули 2022 година.

Втората меѓувладина конференција го означува официјалното отворање на преговорите за првиот кластер за членство на Албанија во Европската Унија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın