СДА: „Срамна споредба на Алија Изетбеговиќ со воени злосторници. Шмит должи објаснување“
„Скандалозна е изјавата на Кристијан Шмит дека фотографиите на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ во учебниците се подеднакво проблематични. Недозволиво е овие имиња да се споменуваат во иста реченица и да се поистоветуваат во каков било контекст“ СДА
САРАЕВО (АА) - Партијата за демократска акција (СДА) реагираше на изјавата на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во која тој го изедначи Алија Изетбеговиќ со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, известува Анадолу.
„Скандалозна е изјавата на високиот претставник Кристијан Шмит дека фотографиите во учебниците на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ се подеднакво проблематични. Недозволиво е овие две имиња да се споменуваат во иста реченица и да се поистоветуваат во каков било контекст“, порачаа од СДА.
Се потсетува дека воениот злосторник Ратко Младиќ е законски осуден на доживотен затвор пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија за геноцид, злосторства против човештвото и други тешки форми на воени злосторства и засекогаш ќе остане запаметен како таков.
„Од друга страна, Алија Изетбеговиќ беше претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина, земја која се бранеше од агресија, врховен командант на нејзината чесна армија и водач кој и во најтешките времиња на војната инсистираше на почитување на меѓународните конвенции, заштитата на цивилното население, човековите права и демократските вредности“, објавија од СДА.
Поради тоа, од СДА потсетуваат дека тој е добитник на две престижни меѓународни награди за придонес во демократијата, а шпанскиот весник „Ел Мундо“ во 1995 година го прогласи и за светска „Личност на годината“.
„Кристијан Шмит сигурно го знае сето ова и затоа е особено навредлива неговата изјава во која ги поистоветува овие две личности. По суспензијата на Уставот и исклучувањето на бошњачкиот потпретседател на Федерацијата Босна и Херцеговина од процесот на формирањето на владата, на Бошњаците и на босанските патриоти сега, со споредувањето на нивните великани со воен злосторник, се прават обиди да им се одземе и она што им е најсветло - честа и нема да го дозволиме тоа. Доброто и злото, вистината и лагата, не можат да се поистоветуваат без оглед на неправедната пресметка на делата на меѓународната заедница во БиХ. Правдата и вистината се неопходен предуслов за воспоставување траен мир во Босна и Херцеговина и во регионот“, велат од СДА.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.