БИТОЛА (АА) - Свечена комеморација по повод 124-годишнината од дипломирањето на големиот турски водач Мустафа Кемал Ататурк се одржа во битолската Воена гимназија во Северна Македонија, известува Анадолу.
На церемонијата што се одржа во поранешната битолска Воена гимназија, која денес се користи како Градски музеј на Битола, присуствуваа амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, заменик-началникот на Генералштабот на Северна Македонија, генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-министерот за одбрана на Северна Македонија, Тирон Јајага, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претседателот на Турската демократска партија (ТДП) и народен пратеник, Бејџан Иљас, претседателот на Движењето за национално единство на Турците во Македонија (ДНЕТ), Ердоган Сарач, претставници на турските институции и организации во земјата и гости.
Церемонијата започна со едноминутно молчење во спомен на Ататурк и неговите соборци и за жртвите од земјотресите со епицентар во турската област Кахраманмараш, што ја потресоа Туркије на 6 февруари, по што следуваше интонирање на националните химни на двете земји.
Амбасадорот Секизќок во своето обраќање истакна дека церемонијата се одржува во време кога сите чувствуваат голема болка поради катастрофалните земјотреси и изрази благодарност до пријателската и братска Северна Македонија, која ја сподели болката на турската нација и покажа силна солидарност со Туркије кога ѝ беше најтешко.
Истакнувајќи дека со ориентацијата на Мустафа Кемал кон воено образование уште на млада возраст почнала да се оформува неговата животна определба, амбасадорот Секизќок истакна дека битолската Воена гимназија има посебно место во турската историја и додаде дека Битола, кој е значаен град од политички и културен аспект, има позитивен ефект врз формирањето на визионерската личност на Мустафа Кемал.
„Почнувајќи уште од военото училиште, Ататурк во текот на својот живот се обидува постојано да се подобрува, напредува и да го прави најдоброто за Туркије. Мораме да констатираме дека здравиот разум, мирољубивото и напредно размислување на Ататурк, како и многу други негови квалитети, имаа особено значење во тоа што Ататурк беше високо почитуван во светот. Ататурк, кој значаен дел од својот живот го помина на фронт, со мотото „Мир дома, мир во светот“ го привлече вниманието на важноста човештвото како семејство да живее заедно во мир“, рече амбасадорот Секизќок.
Потсетувајќи дека оваа година ја слават 100-годишнината од основањето на Република Туркије под водство на Ататурк, Секизќок истакна дека Туркије има за цел да напредува со додавање нови придобивки и достигнувања на оние што се постигнати под водство на Ататурк по 1923 година.
Азим Нуредин, заменик-началникот на Генералштабот на Северна Македонија, изјави дека нема да ја заборават оваа година поради земјотресите од 6 февруари што ги потресоа турската област Кахраманмараш и уште други 10 области, додавајќи дека сојузниците на НАТО и другите светски земји се вклучија за да се справат со последиците од земјотресот.
Велејќи дека најмалку што може да се направи во тие тешки моменти е да се подаде рака за помош, Нуредин продолжи со зборовите: „Пријателите се препознаваат во вакви ситуации. Ги испративме најдобрите, најобучените и најподготвените од нашата армија за да се справат со настанатата ситуација. Со посредство на Амбасадата на Туркије, вклучени беа припадниците на Републичките сили за заштита и спасување, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст и граѓани на Северна Македонија.“
Посочувајќи дека пријателството меѓу двете земји не е само официјално, туку во исто време е и двострано и искрено, Нуредин како пример ги даде обуките на припадниците на Армијата на Северна Македонија во Туркије и заедничките мисии на армиите на двете земји во странство.
Нагласувајќи дека Северна Македонија и Туркије континуирано развиваат искрени и пријателски односи без отворени проблеми со долгорочна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерално и мултилатерално ниво, Нуредин го заврши своето обраќање со зборовите на Ататурк: „Мир дома, мир во светот“.
Полковник Серкан Чакир, воениот аташе на турската Амбасада во Скопје, зборувајќи за образованието и животот на Мустафа Кемал Ататурк во Воената гимназија во Битола, истакна: „На крајот на сите овие тешкотии, тој ја има честа да биде основач на државата Република Турција, момент кој тој го нарекува 'моја најголема победа'. Фактот дека слична церемонија на онаа што секоја година се слави во Копнената воена академија во Туркије, по повод 13 март, завршувањето на Воената гимназија во Битола од страна на Мустафа Кемал Ататурк, вечниот врховен командант на турската војска, се слави и тука со учество на турски и македонски официјални лица, го прави денешниот ден уште позначаен.“
По завршувањето на говорите, гостите ја посетија Спомен-собата на Ататурк, а амбасадорот Секизќок се потпиша во спомен-книгата.
news_share_descriptionsubscription_contact
