Alma Dekovic
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
ВИСОКО (АА) - Возила со табути на осуммина настрадани которварошки Бошњаци, жртви на војната во Босна и Херцеговина, кои на 3 ноември ќе бидат закопани во местото Вечиќи, испратени се утрово од Високо, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред заминувањето, семејствата на жртвите со молитви и положување цвеќиња на возилата им оддадоа почит на своите најмили.
Жртвите кои ќе бидат закопани оваа година во Вечиќи убиени се во текот на 1992 година, а нивните посмртни останки се ексхумирани од локалитетот Плитска кај Котор Варош, од масовните гробници кои се откриени во текот на 2002 и 2004 година.
Исклучок се посмртните останки на Раиф Алагиќ, кои во 2020 година се ексхумирани од локалитетот Дубоко.
Муневера Авдиќ, претседателката на Организацијата на семејствата на загинатите борци и цивили и исчезнати лица „Врбања“ од Котор Варош, изјави дека денешните седум жртви се од групата на 161 исчезнато лице во еден ден.
„По пат на ДНК-анализи се докажа кои се жртвите. Семејствата тоа го идентификуваа. Меѓутоа, тогаш не ги презедоа, бидејќи тоа беа мали делови од телата, коски. Како што времето изминува, се губи надежта дека воопшто нешто ќе се пронајде. Тогаш е подобро да се прифати што било, барем да се знае дека постои мезар [гроб] и да се врати идентитетот на настраданите“, рече Авдиќ.
Таа истакна дека ужасите на војната во Котор Варош започнале во 1991 година, кога почнаа страдањата, приведувањата, убивањата, силувањата, протерувањата...
„Овие луѓе последен пат се видени на 3 ноември во Основното училиште „Грабовица“ и оттогаш им се губи секоја трага. Извршено е повеќекратно злосторство. Ги криеја луѓето. Постоеја примарни и секундарни гробници. Ние сѐ уште трагаме по 235 Бошњаци и 17 Хрвати. Досега се закопани 114 Бошњаци и 40 Хрвати“, истакна Авдиќ.
Фахида Ибричиќ која во 1992 година го загубила зетот Рифет Бербиќ, се присеќа на деновите кога сопругот на нејзината ќерка бил фатен во Дубоко и протеран во Грабовица.
„Оттогаш му се губи секоја трага. Ги пронајдоа во Плитска, нешто малку коски. Оттогаш ништо не знаеме. Имам и брат кој сѐ уште не е пронајден“, рече Ибричиќ.
Сопругата на настраданиот Рифет Бербиќ, Фикрета, имала 20 години кога нејзиниот сопруг исчезнал. На последното испраќање таа дојде со синот и внуците.
„Сите патиме, веќе повеќе од 30 години чекаме извештаи. Пронајдено е нешто малку. Таа вечер кога тргнаа, насекаде владееше паника. Шест месеци нѐ гранатираа, нѐ убиваа. Нѐ гранатираа и нас, цивилите. Бевме шест месеци под земја. Завладеа паника, дали ќе одат или не. Не смеат. Долу во Врбањци ги фатија сите што се предадоа. Ги убија сите мажи. Селото Вечиќи тогаш остана празно. Тргнаа кон Травник, кон нашата територија. Ние, жените и децата, бевме во автобуси. Горе, во населбата Чиркино Брдо ги силуваа девојките“, се присеќа Фикрета, која со семејството пребегала во Хрватска, од каде што по три години заминала за САД.
Најмладата жртва која ќе биде закопана оваа година е Кемо (Касим) Рамиќ, роден 1970 година. Во моментите на смртта имал само 22 години, а неговите посмртни останки се пронајдени во 2002 година на локалитетот Плитска. Заедно со него, конечен мир ќе најдат и неговиот постар брат Реџо, кој кога бил убиен, имал 23 години. Најстарата жртва што ќе биде закопана е Шериф (Сулејман) Бечулиќ, кој во моментот кога бил убиен, имал 37 години.
Во текот на 1992 година, на подрачјето на општината Котор Варош убиени се неколку стотици цивили, Бошњаци и Хрвати.
За воени злосторства над бошњачкото и хрватското население на Котор Варош, Судот на БиХ води судски постапки против деветмина поранешни припадници на воената и цивилната власт во Република Српска, во предметите „Бошко Пеулиќ и други“ и „Саво Тепиќ и други“.