Ihvan Radoykov
18 Март 2022•Ажурирај: 20 Март 2022
СОФИЈА
Бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека нема да ѝ пружат помош со оружје на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бугарија нема да ѝ даде противвоздушни и други ракети на Украина. Нема да ѝ даде ништо. Тоа се лажни вести“, рече Петков во изјавата за медиумите.
Објаснувајќи дека неговата земја цврсто ќе ја поддржи Украина, Петков рече: „Бугарија дефинитивно нема да учествува во воени операции.“
„Сакам до сите граѓани на Бугарија да ја дадам следнава порака. Оттука никој нема да оди во војна. Сите вести што го тврдат спротивното се лажни. Ние испраќаме само хуманитарна помош и лекови во Украина, може да прифаќаме и имигранти од оваа земја“, додаде Петков.
Во меѓувреме, претседателот Румен Радев, поддржан од Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е проруска и води политика по линијата на поранешната Комунистичка партија, изрази заедничко мислење со БСП и се спротивстави на воената и оружена помош за Украина.
Посочувајќи дека испраќањето противвоздушни системи во Украина треба да зависи од одлуката на Парламентот, Радев рече: „Нашата главна задача е граѓаните на Бугарија, стратешките објекти и нуклеарната централа да бидат заштитени со противвоздушни системи.“
Радев потсети дека на територијата на земјите од регионот паднале беспилотни летала опремени со бомби, и додаде: „Не треба да дозволиме такво нешто на нашата територија.“
- Ставот на бугарските социјалисти
Лидерката на БСП и вицепремиерка во коалициската Влада на Кирил Петков, Корнелија Нинова, исто така се спротивстави на испраќање оружје во Украина.
Нинова, која се спротивстави на санкциите против Русија и воената помош за Украина, нагласи: „Ние нема да бидеме на страната на ниту една одлука што ќе ја повлече Бугарија кон војна. Не сакаме да бидеме дел од војната. Како што кажав стопати досега, сега повторувам: Апсолутно велиме „не“ на оружјето, куршумите, воената муниција и авионите.“
Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, кој денеска се очекува да дојде во дводневна официјална посета на Бугарија, се очекува од своите бугарски политички и воени соговорници да побара системите С-300 да ѝ се дадат на Украина.