Abdula Berisha
02 Декември 2019•Ажурирај: 03 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија го одбележа 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, преку конференција на која се презентираа достигнувањата и се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев; министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска; министерот за здравство, Венко Филипче; министерот за образование, Арбер Адеми; амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар; националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски; како и претставници на невладини здруженија.
Во своето воведно обраќање, премиерот Заев рече дека институциите не смеат да бидат задоволни од сработеното и дека треба уште многу да работат.
„Посебно значајно денеска е што овој настан ја обединува и завршната конференција на проектот „Попреченоста е прашање на перцепцијата“, кој е имплементиран во партнерство помеѓу Националниот совет на инвалидските организации, македонскиот Институт за медиуми и Институтот за различностите во медиумите од Лондон. Ќе биде драгоцена презентацијата на реализираните активности и резултатите од проектот за зголемување на видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простор“, рече Заев.
Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН, Спасе Додевски, ги презентираше достигнувањата што се однесуваат на лицата со попреченост, истакнувајќи дека Северна Македонија ја потпишала Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во 2011 година.
„За прв пат Конвенцијата се имплементира системски и организирано преку сублимат на сите препораки од истата во документ, акциски план. Досега за една година работа имаме реализирано над 20 проценти од акцискиот план во период со избори и референдум“, рече Додевски.
Свои говори имаа и министрите Царовска, Филипче и Адеми, кои го презентираа сработеното во текот на годината, споменувајќи ги главните цели за кои тие рекоа дека ќе бидат постигнати во соработка со невладините здруженија на лицата со попреченост.
Свој говор имаше и амбасадорот Жбогар, кој ја поздрави работата на националниот координатор, особено усвојувањето на Законот за заштита од дискриминација, потенцирајќи дека што е можно поскоро треба да се формира Комисија за заштита од дискриминација.
Секоја година на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лица со попреченост. Според Светска банка, една милијарда луѓе или 15 отсто од светската популација се соочуваат со одреден степен на попреченост.