Admir Fazlagic
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија соопшти дека во близина на Радовиш во товарно возило се пронајдени 43 мигранти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска на регионалниот пат Струмица – Радовиш, кај клучка Радовиш, полициски службеници запреле товарно возило „фолксваген “ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д. Ѓ. (43) од Скопје. При преглед на возилото, во товарниот дел биле пронајдени 43 лица – мигранти. Д. Ѓ. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, се вели во соопштението на МВР.
Во близина на Штип вчера се откриени 17 мигранти. Портпаролката на Секторот за внатрешни работи (СВР) – Штип, Гордана Панајотова, соопшти дека мигрантите, кои нелегално се движеле во близина на Штип, се фатени од страна на полициските службеници на Регионалниот центар Исток и се однесени во прифатниот центар во Гевгелија.
На 27 февруари, МВР соопшти дека се фатени 40 мигранти, кај селото Лакавица во близина на Штип. Потоа, на 1 март, полицијата и Регионалниот центар Исток во близина на штипската населба Три Чешми во камион фатија 78 мигранти, а беа приведени двајцата шверцери.
Според достапните податоци од МВР, во последните девет дена, на територијата на Северна Македонија пронајдени се вкупно 178 мигранти.
Потсетуваме, во вторникот претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја посети јужната граница и Транзитниот центар Винојуг – Гевгелија. Во изјавата за медиумите, Пендаровски потенцираше дека „во моментов не е регистриран поголем број илегални мигранти, освен вообичаените за овој период од годината, и додаде дека не се очекува поголем бран мигранти коишто од соседна Грција би влегле во Северна Македонија“.
Пендаровски информираше дека армискиот контингент на јужната граница е зголемен. Исто така, претседателот Пендаровски рече дека и доколку би се случил поголем бран мигранти, сите надлежни институции се подготвени.
Пендаровски рече дека за време на мигрантската криза во 2015/2016 година над 1.300.000 луѓе транзитирале преку територијата на државата.