Ihvan Radoykov
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
СОФИЈА (АА) – На Меѓународната тркалезна маса за Балканот што се одржа во Софија, главниот град на Бугарија, се разговараше за соработката меѓу земјите од регионот во однос на енергетската безбедност, диверзификацијата на ресурсите и транзицијата кон зелена енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бугарскиот министер за енергетика, Александар Николов, кој беше домаќин на средбата, при оценувањето на резултатите од состанокот нагласи: „Врз основа на инфраструктурата работиме на сите сценарија што може да се применат во развојот на соработката со земјите од регионот.“
Наведувајќи дека е потпишан Меморандум за разбирање за поврзување на мрежите за пренос на природен гас на Бугарија и Србија, Николов додаде:
„Бугарија и Грција ќе работат заедно на испораките на природен гас. Се проценуваат можностите за снабдување со природен гас на целиот регион. Исто така, ќе биде потпишан договор меѓу системските оператори на Бугарија, Романија и Грција за зголемување на преносните капацитети и зајакнување на нови сили за зелена енергија.“
Меѓу другото, на средбата донесена е одлука да се формира работна група за регионална соработка во рамките на заедничката платформа за купување енергија.
Во оваа работна група, која ќе профункционира за многу кратко време, се дознава дека ќе учествуваат претставници на Италија, Грција, Турција, Романија, Србија, Северна Македонија, Украина и Азербејџан.
На состанокот, премиерот на Бугарија, Кирил Петков, нагласи дека Бугарија не само што ќе го прошири портфолиото на снабдувањето со природен гас, туку ќе стане и дистрибутивен центар на целиот регион.
Петков, исто така, истакна дека земјата бележи брз напредок во преговорите за увоз на течен природен гас од САД и Египет.
На состанокот учествуваа заменик-министерот за енергија и природни ресурси на Турција, Алпарслан Бајрактар, министерот за животна средина и енергетика на Грција, Костис Хаџидакис, министерот за енергетика на Романија, Виргил Попеску, вицепремиерката на Србија и министерка за рударство и енергија, Зорана Михајловиќ, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, министерот за енергетика на Азербејџан, Первиз Шахбазов, украинскиот министер за енергетика, Герман Галушченко и други официјални претставници.