Abdula Berisha
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржува Регионална конференција на директори на полиции од Западен Балкан, Италија, Грција и Бугарија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отворањето на Регионалната конференција, свои говори, меѓу другото, имаа министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол.
Министерот Спасовски во својот говор повика на поголема соработка меѓу силите за спроведување на законот од различни земји. Тој истакна дека криминалците од различни држави „многу полесно се разбираат отколку политичарите и полициските практичари“, па според него, криминалните структури се секогаш чекор пред државата.

„Полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот ако бидеме дел од Европската Унија, а нашата позиција во однос на тоа прашање е сосема јасна. Ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни на тоа“, рече Спасовски.
Извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол, во својот говор рече дека Западен Балкан е приоритетна зона за Европол, истакнувајќи ја важноста од поголема соработка и заедничко учество во акциите со земјите од Западен Балкан.
Де Бол зборуваше и за можните опасности кон европската сигурност предизвикани од руската воена инвазија врз Украина.
Таа изрази загриженост за ризикот од експлоатација на украинските бегалци, нагласувајќи дека тие може да бидат жртви на криминалци кои се занимаваат со трговија со луѓе.
„Може да се појави и закана од терористичка активност во ЕУ. Странски борци веќе патуваат во воената зона. Некои на крајот може да се вратат во ЕУ, радикализирани, претставувајќи закана за јавната безбедност. Неколку проверки во системот на информацискиот систем на Шенген и во нашите бази на податоци го потврдуваат патувањето на џихадистички и на десничарски терористи“, рече Де Бол.
Таа, исто така, го истакна ризикот од трговија со оружјето што моментално е насобрано во Украина.
Покрај нив, свој говор имаше и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, кој повика на зголемена меѓудоверба и соработка меѓу силите за спроведување на законот.
На Регионалната конференција присутни се и други високи претставници од Европол, како и директори и заменици-директори на полиции од Западен Балкан, Италија, Грција и Бугарија.