СРЕБРЕНИЦА (АА)
- Весна БЕШИЌ
Малиќ, Малагиќ, Мехиќ, Османовиќ, Салиховиќ, Зукиќ, Суљиќ, Ризвановиќ... На плочата на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се имињата на загинатите во геноцидот во летото 1995 година во Сребреница. Татковци и синови, браќа, братучеди... Под исто презиме голем број Бошњаци кои тоа лето пред 28 години беа убиени на најбрутален начин, јавува Анадолу.
Под исто презиме дури десетици луѓе - блиско и пошироко семејство. Татко и син, два сина, три сина... Во некои случаи биле убиени сите мажи од едно семејство, од малолетни до дедовци. Целта била да се уништат цели семејства, а во некои случаи успеале.

Засега нема информации за колку семејства станува збор. Колку семејства се целосно уништени и оставени без машки членови.
„Редок е случајот кога е убиено едно лице од едно семејство. Значи, во повеќето случаи се работи за неколку машки членови на семејството. Моментно немаме евиденција колку точно членови на едно семејство се убиени, немаме истражување каде би можеле да видиме колку има семејства во кои се убиени три, четири или повеќе членови“, изјави за Анадолу Алмаса Салиховиќ, портпаролка на Меморијалниот центар во Сребреница.
Сепак, насекаде околу нив има мајки што ги закопале или ги бараат своите сопрузи, синови, браќа, татковци...
„Знаеме колку лица се убиени. Знаеме за случајот на мајка што денес живее на Кладње, а чии четири синови и сопруг се убиени во геноцидот. Таа е сама. Случајот на покојната Хатиџа Мехмедовиќ - два сина и сопруг. Нема други деца. Случајот со Салиха Османовиќ. Сите тие мајки останаа сами. Никој не им остана, немаат женски деца“, рече Салиховиќ.
Има многу такви случаи по геноцидот извршен во јули 1995 година во областа на Сребреница. Тука е и мајката на Тим Делиќ од Братунац.
„Нејзините два сина и сопругот беа однесени од нејзиниот праг. Ги однесоа под изговор дека ќе бидат испрашани и вратени. Никогаш не беа испрашани ниту вратени. Тие беа убиени и закопани на гробиштата во Вељаци во Братунац. Ист е случајот со сите мајки што денес ги имаат тука закопани и нивните сопрузи, браќа и деца“, рече Салиховиќ додека стоеше до плочата на гробиштата во Меморијалниот центар на која беа испишани имињата на загинатите во геноцидот.

Повеќето мајки од Сребреница се вратија во своите домови по војната и геноцидот. Во нивните празни куќи, но да бидат блиску до своите најблиски на гробиштата во Меморијалниот центар.
„Тие мајки решија да се вратат на местата за кои најмногу имаат сеќавања и каде ги поминале најубавите години од животот. Тука се и гробиштата во Меморијалниот центар, каде што лежат нивните најблиски, поради кои тие се враќаат таму“, истакна Салиховиќ.
Во геноцидот бил убиен и нејзиниот брат Абдула. Во моментот на смртта имал само 18 години.
Неговите останки беа пронајдени во 2008 година во масовната гробница Чанчари. Пронајдени се само 30 отсто од останките. Неговото семејство го погреба на колективен погреб во Поточари.
„Животите на луѓето што преживеале и на оние на кои некој им беше убиен во геноцидот никогаш повеќе не можат да бидат исти. Тие рани остануваат отворени засекогаш“, рече Салиховиќ.
На гробиштата во Меморијалниот центар, покрај веќе закопаните жртви на геноцидот, татко, син, брат, обично има едно или повеќе празни места. Тие се оставени затоа што се чека пронаоѓање на останатите членови на семејството што и по 28 години се водат како исчезнати. Ги има околу 1.000 во областа на Сребреница.

„Семејствата сакаат нивните најблиски да бидат едни покрај други. Кога доаѓаат, ја учат молитвата Фатиха, се молат, разговараат... Кога ќе прошетате низ гробиштата, може да видите многу од овие празнини, празни места што биле оставени да бидат погребани и оние што, главно, сè уште не се идентификувани или станува збор за идентификувани лица, но многу малку од нивните останки се пронајдени“, рече Салиховиќ.
Таа потсети дека во геноцидот биле убиени повеќе од 500 малолетници.
„Станува збор за момчиња што тогаш имаа 12, 13, 14, 15, 16 или 17 години. Убиени се и 59 жени. Тие момчиња мислеле дека имаат поголеми шанси доколку тргнат низ шумата со нивните татковци или постари браќа. Меѓутоа, кога биле фатени од страна на војската на босанските Срби, ним ништо не им значело кога ќе видат момче на 12 или 13 години. Во сето тоа тие виделе закана што треба да ја елиминираат. Повеќето од нив денес се на гробиштата во Меморијалниот центар“, рече Салиховиќ.
Како што рече таа, животот секогаш продолжува, без разлика колку е болен.
Оваа година на гробиштата во Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 30 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година врз жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница.
Меѓу жртвите што годинава ќе бидат погребани ќе има и четири малолетници. Најмладата жртва што ќе биде погребана оваа година е момчето Елвир Салчиновиќ, кое имало 15 години кога било убиено. Тој бил убиен во областа Баљковица, а неговите останки беа ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2001 година.
Иако беше идентификуван уште во 2011 година, неговото семејство не најде сила да го погребе Елвир сѐ до оваа година. Последниот мир ќе го најде со татко му Турабија и брат Алмир, кои беа погребани во Поточари во 2003 и 2011 година.
Ќе бидат погребани и двајца 16-годишници, Мустафа Меканиќ и Есед Клемпиќ. Нивните останки беа ексхумирани во текот на 2001 година на различни локации, на подрачјето на Глогова и Каменица. Тие беа идентификувани и во претходните години - 2008 и 2013 година, но дури сега е добиена согласност за нивно погребување. Уште еден малолетник ќе најде конечен мир, а тоа е Семир Ѓозиќ. Имал 17 години кога бил убиен, а неговите посмртни останки биле ексхумирани во 2002 година.
Незир Муминовиќ е најстарата жртва на геноцидот во Сребреница што ќе биде погребана оваа година. Во моментот кога бил убиен имал 65 години, а неговите посмртни останки биле ексхумирани во областа Каменица во 2007 година.
Оваа година ќе бидат погребани и татко и син - Вејсил и Хасиб Мујановиќ.
Секоја година, по колективниот погреб на жртвите од геноцидот во Сребреница во 1995 година, во Поточари се врши реексхумација на претходно закопаните жртви, со цел да се додадат посмртните останки што подоцна се пронајдени.
Оваа години ќе се отвори 71 гроб. Во просториите на проектот за идентификација Подриње има околу 400 останки што, исто така, го чекаат процесот на реексхумација и реасоцијација.
news_share_descriptionsubscription_contact
