Vesna Besic
11 Јули 2023•Ажурирај: 12 Јули 2023
ПОТОЧАРИ (АА) - Од раните утрински часови во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари пристигнуваат семејства, пријатели, роднини, соседи и други граѓани за да присуствуваат на погребот на 30 жртви убиени во геноцидот во летото 1995 година во Сребреница, јавува Анадолу.
Денес семејствата ќе ги закопаат претежно нецелосните тела на своите најблиски што беа убиени на најсуров начин, а по чии останки трагаа со години. Тие беа пронајдени во голем број масовни гробници.
Денес на гробиштата на Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 30 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година врз жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница.
Меѓу жртвите што годинава ќе бидат погребани ќе има и четири малолетници. Најмладата жртва што ќе биде погребана оваа година е момчето Елвир Салчиновиќ, кое имало 15 години кога било убиено. Тој бил убиен во областа Баљковица, а неговите останки беа ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2001 година.
Идентификуван е во 2011 година. Последниот мир ќе го најде со татко му Турабија и брат му Алмир, кои беа погребани во Поточари во 2003 и 2011 година.
Најстарата жртва што ќе биде погребана е Незир Муминовиќ, кој имал 65 години кога бил убиен. Неговите останки беа ексхумирани во 2007 година на подрачјето на Каменица.
На гробиштата на Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари погребани се 6.721 жртва на геноцидот извршен од тогашната војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ врз Бошњаците во 1995 година во Сребреница. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.