Ekipa
01 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Новата 2020 година е дочекана со музика, забава и огномет на полноќ на плоштадите во Северна Македонија, Албанија и Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во главниот град на Северна Македонија, Скопје, голем број граѓани Новата година ја дочекаа на плоштадот „Македонија“ каде што ги забавуваше балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин, како и други музички групи како „Џипси Грув“ и „Суперхикс“.
Новогодишната прослава ја организира Град Скопје, додека на плоштадот „Македонија“ веќе околу три недели се одржуваат разни новогодишни активности.
Во овој период на плоштадот „Македонија“ беа поставени дрвени куќички како дел од новогодишниот базар „Винтерленд 2020“, каде што беа нудени рачно изработени сувенири, украси, книги, божикни подароци, како и гастрономски специјалитети и топли пијалоци.
Граѓаните на Албанија исто така ја дочекаа Новата 2020 година на плоштадите во различни градови низ земјата.
Но, дел од нив ја дочекаа дома во семејна атмосфера.
Во организација на општина Тирана, на плоштадот „Скендербег“ се одржаа концерти на кои настапија различни локални пејачи, по кои следеше спектаклот со огномет на полноќ.
Со огномет и со концерт и жителите на Приштина влегоа во Новата 2020 година.
Во последните години во Косово се организираат и настани на плоштадите на поголемите градови во земјата, особено во главниот град Приштина.
На концертот кој започна во 22:00 часот на плоштадот „Скендербег“, настапија албански музичари.
Традиционално, повеќето од граѓаните на Косово Новата година ја дочекаа во домашна атмосфера, во кругот на семејството.