Elena Trenchevska Chekovic,Fatjon Cuka,Agim Sulaj
01 Мај 2025•Ажурирај: 02 Мај 2025
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) – Со слоганот Протестираме за плата, работниците и синдикалците во Северна Македонија излегоа на протест во Скопје по повод 1 Мај – Денот на трудот, јавува Анадолу.
Протестот започна од Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и Стопанската комора и заврши пред Владата на РСМ.
Работниците побараа покачување на минималецот на 500 евра, зголемување на сите останати плати во државата за 100 евра и почитување на колективните договори.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, пред Владата истакна дека две минимални плати не овозможуваат основни трошоци за живот на едно четиричлено семејство и дека ќе излезат во поголем број ако не се зголемат платите. Тој нагласи дека бараат пристојна плата за пристојна работа.
Тие побараа од Владата да биде на страната на работниците, на граѓаните, а не на страната на газдите, на олигарсите и на работодавачите.
Порачаа дека Владата треба да го следи примерот на владите во регионот кои ги покачија платите.
Претставниците на синдикатите упатија критики до синдикалните организации кои денеска не излегоа на првомајскиот протест.
- Протести и собири по повод Меѓународниот ден на работниците во регионот -
Сојузот на синдикати на Албанија и Албанската коалиција за работнички права организираа собир во Тирана, со цел, како што истакнаа, „да се крене гласот за работничките права во Албанија“.

Десетици граѓани и работници од различни сектори учествуваа на собирот организиран на плоштадот „Мајка Тереза“ со мотото „Живееме со албански плати, а плаќаме европски цени“.
За време на собирот, беше упатен повик до институциите на Албанија да обрнат поголемо внимание на политиките за вработување, социјалната заштита и фер плати. Организаторите нагласија дека работниците бараат „достоинствена иднина, правда и еднаквост во работата“.
Новиот синдикат на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Социјалниот центар „Перпјекја“, Феминистичкиот колектив и независни активистки, во соработка со други работнички синдикати, одржаа протестен марш на плоштадите во Приштина за работничките права.

Со пораките „Еднаквост, работа и достоинствен живот“, „За слободно и еднакво општество“, се протестираше за неповолните услови на работниците, нивните законски права и инфлацијата во земјата.
За време на протестот упатено е барање за подобрување на условите за работа и опасноста по животот на работниците, наведувајќи дека за пет години во Косово, 97 работници починале на работното место. Претходно протестираше и Федерацијата на синдикати на технички работници од приватниот сектор на Косово.
Со собири, активности и протести е одбележан Денот на трудот и низ главните градови на останатите балкански земји.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот. Се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовно работно време.