Bojana Stojanovic
04 Декември 2020•Ажурирај: 05 Декември 2020
БЕЛГРАД (АА) - Нова Ковид-болница со капацитет од 930 легла отворена е денеска во белградската населба Батајница, која ќе почне да прима пациенти по 17:00 часот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Болницата е изградена за четири месеци и има девет одделенија со по 30 - 40 кревети, вкупно 930 легла, и тоа 680 на полуинтензивна и 250 на интензивна нега, и ќе прифаќа пациенти со средно тешка и тешка клиничка слика.
На отворањето присуствуваше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која рече дека Србија добива нова болница во најтешкиот можен момент, кога со денови има огромен број новозаразени со коронавирусот, со над 800 хоспитализирани пациенти дневно.
Таа најави дека и новата Ковид-болница во Крушевац треба да биде отворена на 15 декември.
За вакцината против коронавирусот, Брнабиќ рече дека во Србија на тестирање пристигнале 20 руски вакцини „Спутник V“ и додаде дека се надева оти договорот со компанијата „Фајзер“ за набавка на вакцината ќе биде потпишан в понеделник.
„Се надевам дека ќе биде онака како што ветивме, дека Србија ќе биде меѓу првите земји со вакцина и дека тоа ќе биде до крајот на годината“, додаде таа.
Во Србија, според пресекот од 15:00 часот вчера, регистрирани се вкупно 199.158 случаи на Ковид-19, а регистрирани се 1.765 смртни случаи од последици предизвикани од коронавирусот.
Според новите мерки на Владата на Србија во борбата против коронавирусот, угостителските и услужните објекти денеска ќе работат до 17:00 часот, додека воведена е забрана за работа преку викенд, односно од петок во 17:00 часот до понеделник до 5:00 часот.