Elena Teslova
04 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
МОСКВА (АА) - Во Русија во текот на изминатото деноноќие регистрирани се 27.403 нови случаи на Ковид-19, при што вкупниот број на заразени надмина 2,4 милиони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Активните случаи сочинуваат околу една петтина од овој број, односно 472.021 лица во Русија се лекуваат од вирусот.
Во последните 24 часа забележани се 569 смртни случаи, со што вкупниот број на смртни случаи во земјата се искачи на 42.176, додека бројот на оздравени на 28.901 лица, односно вкупно 1,88 милиони.
За да се спречи забрзаното ширење на вирусот, рускиот претседател Владимир Путин го одобри масовното вакцинирање во Русија, кое треба да започне од наредната недела, при што први во редот за вакцинирање ќе бидат лекарите и наставниците.
Од денес, оние кои ги исполнуваат условите можат да закажат термин на лекар за имунизација.
Русија е првата земја во светот што ја регистрираше вакцината против Ковид-19 „Спутник В“, за широка употреба.
Компанијата која ја разви вакцината минатата недела изјави дека вакцината има ефикасност од над 95 отсто.
Кратко по регистирирањето на вакцината „Спутник В“, руските власти издадоа дозвола за масовно користење на уште една вакцина, развиена од Институтот за вирологија и биотехнологија „Вектор“ во Новосибирск.
Двете вакцини ќе бидат дадени во две дози. Во моментот се одобрени за лица на возраст од 18 до 60 години и можат да бидат комбинирани со други антигени, вклучително и оние против настинка.