AA
19 Март 2023•Ажурирај: 20 Март 2023
Во Црна Гора денес се одржуваат претседателски избори на кои граѓаните на оваа земја го избираат новиот челник на државата, јавува Анадолу.
Гласачките центри се отворени во 07:00 часот, а граѓаните ќе можат да го остварат своето избирачко право до 20:00 часот. Право на глас имаат 542.154 граѓани.
Седум кандидати учествуваат на денешните претседателски избори, кои се осми претседателски избори од воспоставувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора и четврти од прогласувањето независност.
На чело на листата е лидерот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) и актуелен претседател на државата, Мило Ѓукановиќ, додека втор на гласачкото ливче е Јаков Милатовиќ, потпретседател на Движењето „Европа сега“.
Кандидатот на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, е на трето место во гласањето, инфлуенсерот Јован Радуловиќ е на четврто, а Горан Даниловиќ, лидерот на Обединета Црна Гора, е на петто место.
Лидерот на демократите Алекса Бечиќ е на шесто место на изборната листа, додека кандидатката на Социјалдемократската партија (СДП), Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ, е на седмо место.
Денешните избори ги следат набљудувачи на ОБСЕ, како и стотици набљудувачи од Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ).
На првите директни претседателски избори во 1990 година во Црна Гора победи Момир Булатовиќ, како и на други, одржани во 1992/1993 година. Мило Ѓукановиќ победи на изборите во 1997 година. Филип Вујановиќ победи на претседателските избори во 2003, 2008 и во 2013 година. Мило Ѓукановиќ повторно победи на изборите во 2018 година.
Претседателот на Црна Гора се избира на општи избори, директно и со тајно гласање, на пет години. За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот што ќе добие повеќе од половина од важечките гласови на гласачите што гласале. Доколку ниеден кандидат не го добие тој број гласови, се одржува втор круг од изборите во рок од 14 дена.