Bojana Stojanovic
04 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
БЕЛГРАД (AA) - Регионалниот договор за роаминг, кој овозможува пониски цени на роамингот од 1 јули, потпишан е денес на Вториот дигитален самит на земјите на Западен Балкан кој се одржува во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Во првата фаза од 1 јули, цените на роамингот ќе бидат пониски за 27 отсто, а од 1 јули 2021 година, роамингот би требало да биде укинат во земјите од Западен Балкан.
Цената на роамингот со Албанија ќе биде намалена за 85 отсто, бидејќи Албанија досега не била дел од Договорот кој во 2014 година го потпишаа Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
На отворањето на Самитот, претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, наведе дека за Србија била тешка одлуката во време на таксите кои ги воведе Приштина да се потпишуваат нови регионални договори.
„И покрај сите предизвизици, недоразбирања, различни приоритети и сфаќања, продолжуваме да работиме на регионалното поврзување и соработката“, рече Брнабиќ.
Таа оцени и дека иднината на регионот, најпрвин на младите луѓе на овие простори, зависи од тоа токму во олку тешки и комплексни ситуации да се донесуваат одлуки со кои стабилноста на регионот понатаму ќе се гради, а нема да се руши.
„Потпишувањето на Регионалниот договор за роаминг е доказ дека во регионот постои силна политичка волја за дигитална трансформација на целиот Западен Балкан“, порача денес европската комесарка за дигитално општество и економија, Марија Габриел.
„Да бидам потполно јасна, ова е ваш, а не наш договор. Ова потпишување е доказ за силна политичка волја да се оствари важна регионална дигитална трансформација. Тоа е силен сигнал за регионалната соработка и европската перспектива“, наведе таа.
„Регионалниот договор за роаминг е јасен знак на политичка волја и посветеност на сите лидери за регионална соработка“, оцени претседателката на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.
Таа објасни дека успешната примена на Договорот подразбира и тоа дека граѓаните од регионот ќе имаат фер и еднаков третман.
Генералниот секретар на Меѓународната унија за телекомуникации, Хулин Жао, рече дека Белград со потпишувањето на Договорот за роаминг во регионот покажува лидерство и политичка решителност да соработува и напредува.
Потсети дека слични договори веќе имаат одредени земји од Источна и Западна Африка, а дека таквите иницијативи постојат и во Азија и во Карипскиот Регион.
Вториот Дигитален самит на Западен Балкан се одржува денеска и утре во Белград, со учество на околу 3.000 учесници од 30 држави од регионот, Европа и светот.