Besar Ademi
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по средбата со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Словенија, Миро Церар, истакна дека Словенија е еден добар модел и дека „сака Македонија повеќе да заличува на Словенија“, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција, Димитров нагласи дека посетата на неговиот словенечки колега се реализира во овие денови од историска важност за Македонија, и додаде дека ова е прва официјална посета на министерот Церар во една странска земја, по доаѓањето на оваа функција.
„Не треба да нѐ зачудува, во Словенија имаме многу близок пријател, што не зависи од политичките идеологии, од една влада, од друга влада. Уште повеќе јас лично сум убеден дека Словенија е добар модел за тоа каква Македонија можеме да направиме. Словенија отсекогаш била малку поорганизрана, поразвиена и малку попрагматична од другите земји во регионот. Од наша перспектива, сакаме Македонија повеќе да заличува на Словенија“, рече Димитров.
Димитров истакна дека Македонија во последните месеци забележала пораст во трговската размена и во инвестициите со Словенија и дека Словенија, исто така политички силно го поддржува патот на евроатлантската интеграција на Македонија.
Од друга страна, словенечкиот вицепремиер и шеф на словенечката дипломатија, Церар, нагласи дека Словенија останува да биде партнер на Македонија и ја поддржува во нејзиниот пат до Европската Унија и НАТО.
Словенечкиот министер рече дека ова е негова прва официјална посета на друга држава отако ја презел министерската функција.
Осврнувајќи се на актуелните политички случувања во Македонија, тој рече дека Словенија целосно ја поддржува Македонија на евроатланскиот пат и изрази задоволство што во Собранието беше постигнато двотретинско мнозинство за отпочнување на процесот за уставните измени предвидени во Преспанскиот договор.
Церар истакна дека е свесен дека консултативниот референдум не го исполни основниот правен услов за цензус, но рече дека резултатот беше позитивен и испрати силна порака од народот за влез во ЕУ и НАТО, и дека затоа овој процес во Собранието е легитимен.
„Уставниот процес во Парламентот е легитимен и силно ја одразува желбата на граѓаните. Словенија сака Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ и заради сопствените интереси. Прашањето за членство треба да биде само прашање на време, треба да започнат претпристапните преговори за членство што Македонија го заслужува“, истакна Церар.
Тој додаде дека Македонија се наоѓа во историски момент, како и тоа дека одлуките што ќе бидат усвоени следните месеци ќе бидат од историско значење не само за Македонија, за нејзините следни генерации, туку и за целиот регион.
Според Церар, двете земји имаат зголемена соработка во делот на туризмот, трговската размена и инвестициите, но нагласи дека може да се направат и поголеми чекори.
Церар престојува во официјална посета на Македонија по покана на неговиот македонски колега Димитров. Двајцата министри реализираа тет-а-тет средба, по која следуваше меѓуделегациска средба.
Во текот на денот, Димитров и Церар ќе учествуваат на церемонијата на отворање на новата зграда на Амбасадата на Словенија во Скопје.
Во однос на преговорите за членство во НАТО, Димитров истакна дека од 1 јануари наредната година, Словенија ќе биде контакт-амбасадата на Македонија, односно ќе ја преземе функцијата од Хрватска која моментално е контакт-амбасада на Македонија во врска со Алијансата.