Vesna Besiç
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
ВЕЛИКА КЛАДУША (АА) - Повеќе од стотици мигранти и понатаму се наоѓаат на граничниот премин Велика Кладуша - Маљевац, каде што од вчера се обидуваат да влезат во Република Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
Од утринава неколкупати доаѓаше до туркање на полицијата и мигрантите на граничниот премин, при што се повредени неколку лица.
Ситуацијата во подрачјето околу граничниот премин меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска и понатаму е напната. Мигрантите не се откажуваат од настојувањето да преминат во соседна Хрватска, додека полицијата се труди да ги спречи во таа намера.
Претходно, мигрантите го пробија првиот кордон на припадниците на граничната полиција на БиХ и се пробија до вториот кордон на гранината полиција на БиХ. На овој начин меѓу 150 и 200 мигранти се најдоа на мостот кој од БиХ води кон граничниот премин во Република Хрватска.
Од мигрантите најголем дел се машки лица, но меѓу нив има и неколку семејства со деца. Некои и пред неколку години тргнале на пат, долг неколку илјади километри.
Херо Мухамед ноќта на границата со Хрватска ја поминала со четири малолетни деца. Три месеци поминала во кампот во Велика Кладуша. Додека разговараше со екипата на АА, таа беше опкружена со нејзините две ќерки и два сина.
„Тука сме три месеци. Немаме место, ни храна за децата. Тука сѐ е лошо. Полицијата на Хрватска, исто така се однесува лошо кон нас“, раскажа Мухамед.
Кампот во Кладуша, според нејзините зборови, не е наменет за луѓе и нема услови за живот.
„Имам четири деца. Само сакам да дојдам до Хрватска, а потоа во Италија“, порача Мухамед.
Мерзије Ростами од Иран се повредила при обид да ја премине границата. Со неа е и нејзиното малолетно девојче.
„Сакам да одам во Германија“, порача таа.
Исманије Омар од Сирија во БиХ е веќе седум месеци. Бил по различни објекти, па и хотели. Омар раскажа дека имал незгодни ситуации со хрватската полиција и дека добил и одредени полесни повреди.
„Сакам живот. Сакам да дојдам до семејството во Лондон“, порача Омар.
Бројот на мигрантите на границата постепено се зголемува, бидејќи им се придружуваат нови групи, кои доаѓаат од различни прифатни центри.
Изминатата ноќ на ова подрачје ја поминаа над стотина мигранти.