Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија информираат дека на референдумот за спорот за името и членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 13:00 часот правото на глас го искористиле 16 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, истакна дека процесот на гласање се одвива во најдобар ред и без пречки, со исклучок на неколку мали прекини поради технички проблеми и некои мали инциденти кои не го спречија процесот на гласање.
„Согласно добиените резултати од вкупниот број на запишани избирачи во избирачките места од кои пристигнале податоци, досега се излезени 261.473 гласачи, односно 16 проценти до 13:00 часот“, рече Дерковски.
Дерковски нагласи дека највиоската стапка на излезност на граѓаните е 23,97 отсто во општина Карпош во Скопје, додека најниската стапка на излезност е во општина Босилово, каде што правото на глас го искористеле само 6,96 отсто. Од друга страна, потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, осврнувајќи се на процесот на гласање, истакна дека настанати се некои мали инциденти, но тие не го попречиле процесот на гласање.
„Во општина Чаир, заменик-претседателот на Изборниот совет вршел агитација врз гласачите додека гласале, што е забрането со закон. Во случајот, локалната Изборна комисија излегла на местото на настанот, и го разрешила истото лице“, додаде таа.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот ќе имаат право на глас во 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата. Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ. Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки. Сепак, Владата на Македонија соопшти дека резултатот на референдумот ќе се смета за обврзувачки.
Во случај на позитивен резултат на референдумот, конечната одлука за Договорот со Грција ќе се усвои од страна на Собранието на Македонија, каде што за уставни измени ќе биде потребен гласот на две третини од пратениците.
По завршувањето на овој процес во Македонија, потребно е Договорот да се ратификува и од страна на грчкиот Парламент.