Besar Ademi
08 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, во врска со предвремените парламентари избори кои се предвидени за 24 април оваа година, ги потсети граѓаните за значењето на правото на глас и начинот на реализирање на ова право, и ги предупреди институциите за одговроноста за овозможување на реални услови за одржување на чесни и демократски избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Мемети изјави дека на последните избори Народниот правобранител примил огромен број на жалби само на денот на изборите.
Тој изјави дека тие избори имале основни нерегуларности во изборниот процес, како што се несогласувањето на електронскиот избирачки список со изводот на избирачкиот список и многу други нерегуларности. За овие нерегуларности Мемети ги обвини МВР и ДИК.
„Констатирав едно непрофесионално работење на ДИК и МВР и јавно ги критикувам. Не може МВР да го менува избирачкиот список кога ќе му текне. Ова се случи на последните избори, а ДИК стоеше со скрстени раце и го критикуваше Народниот правобранител и се трудеше законски да докаже дека таа не е органот кој треба да ја следи листата, туку МВР. ДИК се претвори во служба на Министерството за внатрешни работи. Според законот, измените, дополнувањата и бришењето на избирачкиот список може да ги направи само ДИК, и тогаш и сега”, изјави Мемети.
Тој апелираше до факторите на изборниот процес за почитување и имплементирање на одредбите така што граѓаните да можат да го реализираат правото на глас на слободни избори, без никакви уцени, притисоци и закани, додаде дека на време и со ефикасност ќе интервенира за сите пријавени случаи во врска со кршењето на човековите права.
„Секој има право да се определи за својата опција и затоа да не трпи никакви последици. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Никој не смее во нивно име преку различни начини, со притисок, уцена или закана да одлучува”, изјави Мемети, апелирајќи до граѓаните да не молчат и да ги пријавуваат случаите кај Народниот правобранител.
Тој, исто така, ја повика ДИК да подготви квалитетен избирачки список, кој, како што рече, без никаков сомнеж ќе допринесе за кредибилен изборен процес.