Zlatan Kapic
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Белград, по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека заемните патувања само со лични карти ќе ги подигне односите меѓу двете земји на уште повисоко ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денешниот состанок со Вучиќ, како и состанокот на делегациите на двете земји, ги оцени како многу корисни и нагласи дека биле разгледани чекорите што може да се преземат во наредниот период.
Турскиот претседател рече дека на денешните состаноци биле разменети мислења за бројни регионални и меѓународни теми, на чело со ситуацијата во Босна и Херцеговина.
Ердоган односите меѓу Србија и Туркије ги оцени како одлични, велејќи дека тие секојдневно се развиваат.
Турскиот претседател рече дека протоколот во врска со патувањата само со лични карти ќе ги подигне односите меѓу двете земји на уште повисоко ниво.
Ердоган рече дека овој чекор ќе го зголеми бројот на меѓусебни туристички посети, но и дека ќе ги олесни патувањата на стопанствениците.
Тој потсети дека во врска со патувањата со лични карти, првиот чекор е направен и со Босна и Херцеговина.
Претседателот Ердоган рече и дека обемот на трговската размена меѓу Туркије и Србија минатата година е зголемен за околу 33 отсто и дека патниот правец Нови Пазар - Тутин е дело на визионерскиот пристап на српскиот претседател Вучиќ.
Потсетувајќи дека Турската агенција за соработка и координација ТИКА во Србија има реализирано над 50 проекти, Ердоган најави скорашен почеток на реставрацијата на Џамијата „Бајракли“ во Белград, која претставува заедничко историско и културно наследство.
„Во текот на разговорите повторно укажавме на важноста што ја придаваме на стабилноста и благосостојбата на Балканот. Договорот помеѓу Србија и Косово во врска со преминувањето на границата со лични документи го дочекавме со задоволство. Се надеваме дека сите други прашања ќе бидат решени во најкус можен рок преку дијалог. Секогаш искрено сме го поддржувале решавањето на проблемите преку дијалог и така и ќе продолжиме“, рече Ердоган.
Тој изрази подготвеност, во форматот за којшто ќе се усогласат страните, дека ќе направат сѐ во нивна моќ да организира разговори со цел надминување на проблемите во Босна и Херцеговина.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со последните тензии меѓу Србија и Косово, Ердоган рече дека ситуацијата сега се движи во позитивна насока и додаде дека се надева дека сите проблеми ќе се надминат по пат на дијалог, бидејќи „Балканот повеќе не може да поднесе вакви тешки ситуации“.
Говорејќи за војната во Украина, Ердоган рече дека Туркије отсекогаш водела урамнотежена политика во врска со ова прашање.
„Така и ќе продолжиме. Сакам отворено да кажам дека не го сметам за правилен пристапот на Западот. Војната во Украина нема победници, но има многу губитници, луѓе умираат секојдневно. Не изгледа дека наскоро ќе заврши. Оние што лекомислено ја сфаќаат Русија, грешат, сега сите размислуваат за тоа како ќе ја поминат зимата“, рече Ердоган.