Alma Dekovic
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград изјави дека односите меѓу Србија и Туркије достигнале највисоко ниво во модерната историја на двете земји и дека „ова е златниот период на српско-турските односи“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Белград, Вучиќ рече дека посетата на турскиот претседател е голема чест и привилегија за Србија и дека двете земји ги подигнале односите на највисоко ниво во модерната историја.
„Успеавме да ја подигнеме трговската размена од ниво под една милијарда евра на речиси 2,5 милијарди. Верувам дека сме на добар пат да го исполниме она што ми изгледаше како невозможна цел, трговската размена меѓу Туркије и Србија да достигне 5 милијарди евра. Ме радува што турските инвестиции и понатаму доаѓаат во Србија и она што е важно е она што турските компании во Србија вработуваат речици 10.000 луѓе“, нагласи Вучиќ, додавајќи дека напредокот и досегашната соработка може да ја почувствуваат многу граѓани на Србија.
Тој додаде дека наскоро граѓаните ќе можат да „уживаат“ на 22 километри долгиот пат Нови Пазар - Тутин, кој, како што рече, некогаш бил „пат на смртта“, а денес е модерен пат, благодарение на ефикасноста на турските изведувачи и заложбата заеднички да се изгради патот.
„Очекуваме за краток временски период да ја завршиме делницата од автопатот во должина од 19 километри и на тој начин да се поврземе со Босна и Херцеговина. Важно е што проектната документација за патот Пожега - Котроман е при крај, па ќе имаме блиска поврзаност со Вишеград и се надеваме дека нашите колеги од Босна и Херцеговина ќе донесат одлука да започне изградбата на тој крак од автопатот кон Сараево, долг 107 километри, низ нивна територија“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија и Туркије планираат многу заеднички проекти. Тој истакна дека делегациите на двете земји денеска разговарале за зголемување на воената соработка и во тој контекст најави дека Србија би сакала да купи беспилотни летала „Бајрактар“, произведени во Турција.
„Гледам дека цел свет го сака тоа. Затоа застанавме во ред. Чекаме, се надеваме дека ќе успееме да го реализираме тоа. Подготвени сме да ја зголемиме побарувачката за „Бајрактар“ и да платиме значително повеќе пари од првично договорените неколку десетици милиони евра. Подготвени сме да преминеме на бројка од неколку стотици милиони евра со кои би биле подготвени да ги платиме „Бајрактар““, изјави Вучиќ.
Тој му се заблагодари на Ердоган за поддршката за иницијативата „Отворен Балкан“ и за зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот. Тие разговараа и за почитување на Дејтонскиот мировен договор во Босна и Херцеговина и за трилатералната средба меѓу Србија, Босна и Херцеговина и Туркије.
Тој посочи дека со турскиот колега разговарале и за ситуацијата во Украина, прашањето за санкциите против Руската Федерација и енергетиката.
„Го замолив претседателот Ердоган да ни помогне, и доколку е тоа можно, тоа би било огромна поддршка за Србија. Имав разговор со [азербејџанскиот претседател] Илхам Алиев. Добивме согласност, сѐ е подготвено да ја добиеме енергијата што ни недостига за време на најтешките зимски месеци. Но, барањето не може да се поднесе без претседателот Ердоган и Туркије. Го замолив Ердоган да ни обезбеди простор за пренос на азербејџанската енергија на нашите територии, што многу би ни значело“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Туркиjе е една од најпосетуваните туристички дестинации за српските туристи оваа летна сезона и дека бројот на турски туристи во неговата земја се зголемува.
„Имаме многу нови проекти кои планираме да ги работиме со турските компании. Многу работи се пред нас. Мило ми е што во нашата земја сѐ почесто го слушаме турскиот јазик и се гледаме со нашите турски пријатели. Сакам да им кажам дека се добредојдени во Србија и ќе се погрижиме да го одржиме нашето пријателство на највисоко ниво, да го чуваме љубоморно и да можеме да кажеме дека по периодот на Мустафа Кемал Ататурк и кралот Александар, ова е златниот период на српско-турските односи“, рече Вучиќ.