Admir Fazlagic
19 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со премиерите на петте останати држави од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина), вечерва присуствуваше на неформалната работна вечера што ја организираше Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Владата на Република Македонија по средбата, една од заедничките констатации на лидерите од регионот и на еврокомесарката Могерини, е оценката дека 2017 година, е година на успех за регионот Западен Балкан.
Најважна новост за државите од Западен Балкан во 2017 година беше најавувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на ЕК Јункер. Токму Стратегијата и нејзините клучни одредници беа главна тема на дискусија, информираат од Владата.
Од таму наведуваат дека на средбите било констатирано дека сите држави од Западен Балкан треба да гледаат на оваа Стратегија како на јасен сигнал кон нив за нивната европска перспектива. Секоја од државите од Западен Балкан треба да напредува на патот кон ЕУ врз основа на напредокот кој го покажува во реформите во клучните области.
„На заедничката работна вечера на лидерите на земјите од Западен Балкан со Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, премиерот Заев ја потврди посветеноста на Македонија кон остварувањето на реформите во правосудството, безбедноста и јавната администрација, како и решавање на сите отворени прашања со соседите", се наведува во соопштението.
Исто така, се вели дека премиерот Заев нагласил Република Македонија очекува свое место во Стратегијата за проширување на ЕУ која ќе биде објавена во февруари 2018 година, од која се очекува да биде инклузивна, амбициозна, предвидлива и иновативна во својот пристап.
Лидерите на земјите од Западен Балкан на оваа средба со Могерини ги истакнаа и придобивките од паралелните проекти кои ги забрзуваат европските интеграции на земјите од регионот во рамките на иницијативата Берлински процес, и посебно Самитот во Трст во јули оваа година.
„Лидерите од регионот ја гледаат 2018 година како клучна за голем исчекор на сите држави од регионот во пристапувањето кон ЕУ, но и за интензивирање на регионалната соработка со максимална поддршка на инструментите на ЕУ за оваа намена", соопшти Владата на Македонија.
Меѓу другото, во соопштението од Владата стои дека заедничкиот заклучок од работната вечера на премиерите на државите од Западен Балкан со Могерини е дека „шансите за успешно спроведување на овие потенцијални успеси постојат, доколку се спроведуваат реформите од кои се очекуваат резултати."