БЕЛГРАД (AA) - Идниот Автопат Белград - Сараево не е само автопат, туку претставува поврзување на целиот регион и луѓето, а очекувам дека слична порака за важноста на стабилноста на регионот ќе испрати и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во текот на посетата на Србија на 7 и 8 октомври, изјави за Anadolu Agency (AA) министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Зорана Михајловиќ.
Во разговор за АА, Михајловиќ го оцени како многу значајно тоа што конечно почнува поврзувањето на Србија и Босна и Херцеговина, токму со изградба на автопатот помеѓу двете земји.
„Тоа не е само автопат, туку поврзување на целиот регион и ќе изгледа како еден прстен. На тој прв дел на прстенот, ние веќе почнавме подготвителни работи. Почетокот на работите свечено ќе биде одбележан кога претседателот Ердоган ќе дојде кај нашиот претседател следната недела. Тука ќе бидат и претставниците на власта од БиХ, бидејќи тоа е еднакво важно, сите да бидеме тука“, рече таа.
Михајловиќ објасни дека во рамките на автопатот ќе се гради и мост, за кој веќе е издадена градежна дозвола.
„Во меѓувреме, ние разговаравме со БиХ и за тој дел кој практично се работи од страна на БиХ. Исто така, потпишавме и парафиравме спогодба во врска со граничниот премин кој ќе биде тука. Тоа е првата делница (Сремска Рача - Кузмин), околу 250 милиони евра, која ја работи турската компанија „Тасјапи“. Ние, инаку, со таа компанија ја работиме и проектно-техничката документација. Кон почетокот на 2021 година можат да се очекуваат работите, а вредноста е 800 милиони евра“, додаде Михајловиќ.
Првата делница ќе се гради две и пол години, а верува дека тука не би требало да има „некои поголеми проблеми со оглед на тоа што сите проекти почнуваат сега, така што целата документација претходно се подготвува и завршува“.
„Се работи и мостот, но не е ништо така страшно за градителите. Покрај оваа турска компанија, ќе работат и српски компании. Повторувам уште еднаш, ова е навистина значително поврзување на целиот регион, бидејќи тоа економско здружување на регионот најдобро се гледа преку инфраструктурата“, рече Михајловиќ.
Според неа, кога ќе се погледне картата на поранешна Југославија, јасно се гледа дека нема автопати кои ги поврзуваат луѓето. Поради тоа, автопатите не значат само полесен превоз на луѓето и стоката, туку и сигурност и стабилност.
„Автопатите значат безбедност, значат политика на стабилност, економска стабилност, економска сигурност, економски развој“, изјави Михајловиќ.
Според нејзиното искуство, во Србија, како што се завршувал Коридорот 10, така долж Коридорот се отворале фабрики и погони. Истакна дека истото тоа го очекува да се случи со изградбата на овој автопат помеѓу БиХ и Србија. Смета дека автопатот е важен поради тоа што луѓето ќе имаат можност од Сараево до Белград да дојдат за два часа, додека моментално им се потребни пет-шест часа.
„Тогаш тие, кога имаат шест часа пат и не размислуваат за тоа дека можат да се поврзат посилно, но кога знаат дека сето тоа е тука, тогаш потполно е поинаку. Навистина очекувам многу предности, бидејќи овој пат не е само пат, како што пред неколку години рекоа и претседателот Вучиќ и претседателот Ердоган, туку пат на пријателството и пат на посилни врски меѓу народите“, рече министерката Михајловиќ.
Запрашана дали очекува нови инвестиции како резултат на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија, кон почетокот на следната недела, министерката Михајловиќ одговори дека веќе постојат многу турски компании кои работат на територијата на Србија, а дека доаѓањето на тие компании во последните неколку години е интензивирано.
„Има многу турски компании кои работат на територијата на Србија. Тоа е за нас многу важно и многу значајно. Тие се добри инвеститори, добро работат со нашите луѓе, тука постои одредена врска и ние би сакале да продолжи тоа“, рече таа.
Од друга страна, помеѓу Србија и Турција постои стратешка спогодба за реализација на инфраструктурни проекти и договорено е помеѓу министерствата на двете земји тоа да не биде само автопат, туку и реконструкција на важната делница на патот Нови Пазар - Тутин, која исто така почнува да се прави, за која се очекува во текот на наредната година да биде завршена.
На прашањето што очекува од посетата на Ердоган на Србија, министерката наведе дека ќе се слушне пораката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Србија е отворена земја, и дека за неа е многу важно регионот да биде стабилен и да се поврзуваме во рамките на регионот.
„Порака за стабилноста на регионот, порака за тоа дека треба да правиме сѐ за граѓаните на овие простори да живеат подобро. Голема работа е тоа што претседателот Ердоган е тука, што и тој од своја страна од многу причини исто така ќе испрати слична порака и тоа е она што го очекувам. Сево ова што го правиме, на оперативни, технички нивоа, се подразбира дека е плод на добра соработка. Да нема добра соработка на Србија со Турција или на БиХ со Турција, тешко дека ние би можеле денеска да зборуваме за некои големи инфраструктурни проекти и автопат помеѓу Белград и Сараево, и едниот и другиот крак или дел од прстен ќе чинат над милијарда евра“, наведе таа.
Коментирајќи го трилатералниот состанок Србија - Турција - БиХ, за кој се очекува да биде одржан во текот на посетата на Ердоган, Михајловиќ рече дека трилатералната средба може да донесе само добро на сите.
Економските односи на Србија и БиХ, особено во ресорите за кои таа е надлежна, министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура ги оцени како солидни.
„Ми се чини дека Србија со сите земји во регионот се обидува да воспостави односи за иден развој и да размислуваме многу повеќе за иднината отколку често да се враќаме во минатото. Не можеме баш сите да се согласиме околу сето тоа што го преживеавме и какво ни беше минатото, и веројатно многу време ќе треба за да се согласиме, но мораме да водиме сметка за иднината и животот во регионот во иднина. Нашите односи, без оглед на разните искушенија кои можат да се слушнат во секојдневниот живот, сепак можат да се окарактеризираат како солидни односи“, рече Михајловиќ.
Како втора битна работа министерката Михајловиќ го наведе интересот на Србија целиот регион да биде стабилен.
„Тоа значи, и БиХ да биде стабилна и тоа може да се види преку инфраструктурните проекти. Нам ни требаше многу малку време да се договориме околу спогодбата минатата недела во Сараево, и мислам дека тука посебно треба да дејствуваме во она што е важно за секојдневниот живот за граѓаните. Секако дека не е едноставно, во БиХ, ни најмалку, во смисла на разни нивоа на одлучување, мислам дека тоа многу го забавува сето она што треба да се случи, што се работи и што се сака да се направи во БиХ. Мислам дека во наредниот период мора да се најде начин како да се живее поефикасно, како одлуките да се донесуваат побрзо и поефикасно, бидејќи тоа е важно за граѓаните кои таму живеат, без оглед која вера или националност ги имаат. Мислам дека мораме некаде да не мислиме на тој начин за тоа туку да работиме за сите граѓани“, заклучи Михајловиќ.