Senada Ibraimova
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со поддржувачите, кои протестираат против албанската платформа од 27. февруари, вечерва повторно се собраа пред Владата, од кадешто маршираа до Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Дел од организаторите и поддржувачите на овој протест пред собранието одржаа говори во кои упатија поздрав до претседателот Ѓорге Иванов, за како што велат, „вчерашната храбра одлука да им го отстапи терминот, да се сретнат со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан“.
Тие повторно му порачаа на Хан, дека, никој не смее однадвор да дојде во Македонија и да се меша во државата, како што нагласија, „никој однадвор нема право да ја понижува државата не нарекувајќи ја по нејзиното име“. Исто така, ги осудија препораките на Хан, за брзо формирање на влада, при што порачаа дека бараат нови избори.
Тие и вечерва истакнаа дека, нема да престанат да се собираат и протестираат се додека не им се исполнат барањата, односно како што велат, да се стави крај на оваа платформа, дека се против бинационална држава, дека се за мултиетничка Македонија и дека се против двојазичност во државата.
Луѓето кои маршираа, носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се раздели.
Протести, освен во Скопје, се одржуваат и во други градови во државата.