СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ
Неколкугодишната политичка криза во Македонија доби значително продлабочување откако тогашниот премиер Никола Груевски, во јануари 2015 година излезе на вонредна прес-конференција и во своето обраќање до јавноста го обвини лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, за недемократски и нелегитимен обид за освојување на власта, со тоа што го уценувал со компромитирачки аудио снимки на кои може да се слушне за наводни злоупотреби на владините функционери, пишува Anadolu Agency (AA).
Потоа, лидерот на опозицијата, Заев, на почетокот од февруари 2015 година започна со објавување на тие компромитирачки аудио материјали, таканаречени бомби, кои кај граѓаните предизвикаа револт и беа организирани протести во главниот град Скопје, како и низ целата територија на Република Македонија, а пред зградата на Владата во Скопје, граѓаните поставија шатори и бараа оставка од владата предводена од Никола Груевски.
Сето ова доведе до зголемен дипломатски притисок врз политичките лидери во Македонија, што на крајот резултираше со постигнување на политички договор за надминување на кризата во Македонија (Договорот од Пржино, 02 јуни/15 јули) потпишан од најголемите политички партии во Македонија, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан.
Договорот предвидуваше техничка влада во која ќе учествуваат и претставниците од опозицијата, реформи во медиумите, одвојување на партијата од државата, формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО) коешто ќе работи на случаи што произлегуваат од прислушувањето, за да се создадат услови за одржување фер и демократски предвремени парламентарни избори. Изборите беа закажувани двапати – првин беа предвидени за 24. април минатата година, па беа одложени за 5. јуни, за на крајот да се одржат на 11. декември минатата година.
Во меѓувреме, во април минатата година, одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да аболицира политичари против кои се водат истраги за кривични дела предизвика незадоволство кај граѓаните и кај дел од политичките партии, поради што беа организирани протести, и кон крајот на мај мината година, Иванов ја повлече ваквата одлука.
- Од избори за крај на кризата, до продлабочување и трансформација на политичката во институционална криза
Предвремените парламентарни избори во Република Македонија кои се одржаа на 11 декември минатата година, требаше да стават крај на политичката криза во земјата и да започне нова фаза на стабилизација на политичката сцена.
Но, напротив, не само што не се стави крај на политичката криза, туку таа од политичка, прерасна во институционална и уставна криза.
За ваквата состојба придонесоа тесните изборни резултати кои ги имаа двете најголеми политички партии во земјата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ (Внатрешна македонска револуционерна организација - Демократска партија за македонско национално единство) и опозицискиот Социјал демократски сојуз на Македонија – СДСМ, која на последните избори освои значителен дел од гласовите на етничките Албанци во Македонија, но и партиите од албанскиот блок, Демократската унија за интеграција (ДУИ), која на овие избори доби значително помал број гласови, додека новиот политички субјект во албанскиот блок, Движењето БЕСА со освоени пет пратенички мандати успеа да се наметне како фактор на македонската политичка сцена.
По ваквите резултати, следуваа преговори меѓу политичките партии. Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, му го додели мандатот за формирање влада на Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која на последните избори освои најголем број гласови. Груевски предвидениот рок од 20 дена за формирање влада не успеа да се договори со долгогодишниот коалициски партнер ДУИ, поради платформата на албанските политички партии во Македонија. Оваа платформа беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, а таа содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
Лидерите на албанските политички партии се обврзаа дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата. Заедничката платформа на албанските политички партии во Македонија, која всушност е заедничка изјава на трите албански партии ДУИ, Движењето БЕСА и Алијанса за Албанците (коалиција составена од три парии, Движењето за реформи -ДПА, Унитети и Национална демократска преродба), беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, односно на 7. јануари, за која албанските партии велат дека е направена во Скопје а потпишана во Тирана. Платформата содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
За ВМРО-ДПМНЕ, спорно е тоа што според нив, платформата е донесена во странска држава, со посредство на премиерот од таа држава, а исто така содржински платформата, како што велат, не е во согласност со Уставот на Република Македонија, за што сметаат дека би можело да дојде до редифинирање на државата. Во тој контекст, тие го напоменуваат и Законот за двојазичност на целата територија, според кој, албанскиот јазик би можел официјално да се употребува на целата територија на Република Македонија, што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо.
По пропаднатите преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање Влада, претседателот Иванов излезе пред јавноста со став дека мандатот ќе му биде доделен на оној што ќе обезбеди 67 пратенички потписи, со што ќе го докаже мнозинството во Парламентот, но и според својата програма нема да го загрозува унитарниот карактер, суверенитетот и идентитетот на Република Македонија.
По ова барање на претседателот Иванов, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, успеа во договор со албанските политички партии ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците да ги обезбеди бараните потписи, но и покрај овој факт, претседателот Иванов се произнесе дека нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста.
Во низа на овие случувања, на 07. март, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до двата стратешки партнера, претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во кое ја објаснува актуелната состојба во земјата.
Meѓу другото, во писмото претседателот Иванов вели дека осудата и отфрлањето на платформата на албанските политички партии е единствениот начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓа Македонија.
- Дипломатски притисок поради одлуката на Иванов
По одлуката на Иванов да не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, следуваа низа реакции од домашната експертска јавност, но и од меѓународната заедница.
Дел од експертската јавност смета дека претседателот Иванов треба да му го додели мандатот на Заев бидејќи тој го има потребното мнозинство, додека другите, пак, сметаат дека тоа не треба да се случи бидејќи не се исполнети условите што ги наведе претседателот Иванов.
Во тој контекст, со свои реакции се огласија амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија, како и комесарот за соседна политика и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, барајќи од претседателот Иванов да го додели мандатот. По изборите одржани на 11. декември, Хан двапати ја посети Македонија. На почетокот од февруари, во Скопје имаше средби со претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, и со лидерите на партиите застапени во Парламентот.
По тогашните средби, Хан порача дека очекува од политичките лидери да демонстрираат демократска зрелост и да донесат одлука во интерес на граѓаните и европската перспектива на земјата. Европомесарот Хан дојде во посета на Македонија на 21. март, и по средбите со политичките лидери порача дека го охрабрува претседателот на Македонија „итно да го преиспита својот став" и дека „нема време за губење".
„Јасно го повторуваме ставот дека сите лидери во земјата, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори. Во една демократија, секој мора да го признае парламентарното мнозинство", беше порачано во изјавата на еврокомесарот Хан во која повикаа на брзо формирање на новата влада посветена на спроведувањето на „заостанатите реформи".
Освен споменатите, формирање на нова влада во Македонија побара и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој побара да биде доделен мандатот бидејќи е обезбедено потребното мнозинство. Исто така, високата претставничка на Европската Унија, Федерика Могерини, која беше во официјална посета на Македонија, по средбата со претседателот Иванов и со политичките лидери во земјава, истакна дека побарала од претседателот Иванов да ја смени одлуката за доделување на мандатот за формирање влада и изразила загриженост политичката криза да не прерасне во меѓуетничка.
Исто така, неодамна во Македонија присуствуваше и генералниот секретар на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), Ламберто Заниер, кој по завршувањето на средбите со политичките лидери изрази загриженост за состојбата во земјава и ги повикa политичките лидери да стават крај на политичка криза во интерес на сите граѓани на државата.
Поради неколкугодишната политичка криза во Македонија, која сѐ уште нема разрешница, во јавноста се добива перцепција дека ЕУ со досегашните напори не успеа да изврши значително влијание за да дојде до побрзо спроведување на бараните реформи коишто би довеле до конечен излез од кризата.
Од друга страна, иако ЕУ и НАТО се стратешки цели на Македонија, одвреме-навреме се провлекува негативната реторика насочена кон меѓународната заедница, пред сѐ кон ЕУ, како и кон дел од амбасадорите на странските земји во Македонија, за кои дел од политичарите побараа „да не се мешаат во внатрешните работи на земјата".
- Протести против платформата на албанските политички партии во Македонија
Сите овие случувања дополнително се подгреваат со протестите, кои започнаа од крајот на месец февруари. Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници поддржувачи во попладневите часови маршира низ скопските улици, но и низ другите градови во Македонија, протестирајќи против платформата на албанските политички партии во Македонија.
Тие ја изразуваат својата поддршка за претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, да не му го даде мандатот на претседателот на Социјал-демократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев, да формира влада.
Поддржувачите на протестите се противат на двојазичноста во државата и најавуваат дека ќе протестираат секој ден, сѐ додека политичките партии не ја решат актуелната политичка криза што ја зафати Македонија. Тие велат дека се против редефинирање, и дека протестираат против промена на Уставот, името и корените на државата.
Претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија" бараа средба со еврокомесарот Хан, кој беше во посета на Македонија, но тој рече дека нема време за средби со граѓанските организации. Поради тоа, претседателот Иванов, терминот предвиден за средба со еврокомесарот, го отстапи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија", но сепак, тие не остварија средба.
Исто така, на протестот пред Собранието на Македонија, кој се одржуваше во исто време додека комесарот Хан имаше средби со политичките лидери во Собранието, дел од говорниците упатија критики на сметка на еврокомесарот Хан, поради, како што рекоа, неговата објава на социјалните мрежи во која еврокомесарот Хан напишал: „Патот до ЕУ останува отворен за Скопје“.
Освен тоа, говорниците на протестот истакнаа дека се загрижени за иднината на Македонија, и запрашаа: „Каква пролет во Македонија најавува Хан со својата посета во оваа земја?"
- Што понатаму?
Поради ваквата констелација на односите меѓу политичките актери во Македонија, владее неизвесност, а во јавноста се зборува за одредени можни сценарија за излез од политичката криза, која прерасна во институционална.
Она што моментално се случува се средбите меѓу претставниците на политичките партии, на кои се одржуваат консултации, а тие би требало да доведат до избор на претседател на Собранието и продолжување на работата на Собранието.
Во меѓувреме, партиските лидери излегуваат со свои ставови за излез од институционалната криза.
Од една страна, од ВМРО – ДПМНЕ велат дека излез од политичката криза гледаат во отфрлање на платформата на албанските партии и нови парламентрани избори коишто би се одржале заедно со локалните избори, а од друга страна, СДСМ повикува да им биде доделен мандатот и да се формира нова влада. ДУИ бара поголема политичка одговорност на поголемите партии и решенија што водат кон излез од кризата во земјата, а од Движењето БЕСА истакнуваат дека доколку нема брзо решение на институционалната криза, постои ризик од меѓуетничка криза.
news_share_descriptionsubscription_contact
