Shpetim Hiseni
23 Декември 2024•Ажурирај: 23 Декември 2024
ТЕТОВО (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, рече дека односот на Туркије со балканските земји не е само официјален однос меѓу држави туку и братски однос меѓу народите, нагласувајќи дека зајакнувањето на Туркије во исто време значи и зајакнување на балканските земји, јавува Анадолу.
Куртулмуш, кој е во посета на Северна Македонија, го посети училиштето „Маариф“ во Тетово по повод 21 декември, Денот на наставата на турски јазик во земјата.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, претседателот на Турската демократска партија во Северна Македонија, пратеникот Бејџан Иљас, пратеникот Салих Мурат, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, политичари, академици, претставници на локални и турски институции во земјава и други гости.
Во својот говор Куртулмуш изрази задоволство од работата и успехот на училиштето на фондацијата „Маариф“ во земјава.
Тој рече дека Туркије ги поддржа балканските земји за да имаат мир и стабилност.
„Односите помеѓу Балканскиот Регион и Туркије не се само официјални односи меѓу држави. Односите меѓу земјите од Балканот и Туркије се односи на братство и пријателство меѓу народите“, рече претседателот на турскиот Парламент.
Куртулмуш рече дека меѓу Туркије и народите на Балканот, без оглед на етничката и верската припадност, постојат стари пријателски и духовни мостови што произлегуваат од историјата.
Тој изјави дека преку турските институции што спроведуваат „културна дипломатија“, дека Туркије спровела работи што дополнително ќе ги зајакнат овие односи, додавајќи дека преку различни проекти Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) обезбедила поддршка за социјалниот развој.
Тој, исто така, во овој поглед ги спомна институтот „Јунус Емре“ и училиштата „Маариф“.
„Нашите срца посакуваат и во иднина да ги продолжиме овие врски со уште поголемо зајакнување“, додаде Куртулмуш.
Претседателот на турскиот Парламент истакна дека Туркије ќе биде една од влијателните земји во наредниот период, додавајќи: „Зајакнувањето и развојот на Туркије значи развој заедно со нејзините соседи и пријатели. Зајакнувањето на Туркије несомнено значи зајакнување на Балканот.“
Претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Нуман Куртулмуш, во Северна Македонија пристигна во саботата заедно со делегација што ја сочинуваат заменик-претседателот на групата на АК Партија, Бахадир Јенишехирлиоглу, претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије-Северна Македонија и пратеник од Бурса, Ахмет Килич, пратеникот на АК Партија од Ван, Кајхан Туркменоглу, пратеникот на АК Партија од Чорум, Јусуф Ахлатџи, заменик-претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије-Северна Македонија и пратеник на ЏХП од Киркларели, Веџди Гундогду, пратеникот на МХП од Бурса, Февзи Зирхлиоглу, и пратеникот на партијата Саадет од Измир, Мустафа Билиџи.
Тој во Скопје се сретна со својот колега Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска Давкова, а присуствуваше и на свечен прием по повод 21 декември, Денот на наставата на турски јазик во Северна Македонија.