Балкан

Куртулмуш: Туркије има за цел да ги развива односите со сите балкански земји, без да прави разлика меѓу нив

- Куртулмуш им се обрати на гостите на свечениот прием организиран во Скопје по повод 21 Декември – Ден на наставата на турски јазик во Северна Македонија

Shpetim Hiseni  | 21.12.2024 - Обновена : 21.12.2024
Куртулмуш: Туркије има за цел да ги развива односите со сите балкански земји, без да прави разлика меѓу нив Фото: Умејс Сулејман / АА

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото национално собрание на Туркије (ТБММ), Нуман Куртулмуш, кој престојува во посета на Северна Македонија, изјави дека Туркије има за цел да ги развива односите со сите балкански земји, без да прави никаква разлика меѓу нив, јавува Анадолу.

Куртулмуш им се обрати на гостите на свечениот прием организиран во Скопје по повод 21 Декември – Ден на наставата на турски јазик во Северна Македонија, организиран од Сојузот на турски невладини организации на Македонија (МАТУСИТЕБ) во соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

Претседателот на турскиот парламент во својот говор рече дека одбележувањето на Денот на образованието на турски јазик во Северна Македонија и неговото прифаќање како празник на турската заедница во земјата е за секоја пофалба, и ги изрази своите честитки по повод овој ден.

Тој говореше за важноста на турскиот јазик надвор од тоа како средство за комуникација, велејќи дека тој е израз на култура која се акумулирала со векови.

„Колку повеќе човек зборува од срце, колку повеќе може да го насочува својот јазик од срце, толку повеќе мир и толеранција ќе преовладува во светот меѓу луѓето“, рече Куртулмуш.

Поради оваа причина, рече тој, празникот на турски јазик не треба да се третира само како празник на јазикот, туку и како празник на срцето, културата и цивилизацијата, особено во овие времиња кога на луѓето им потребно, повеќе од кога било, да живеат заедно во мир.

Тој ја спомена важноста од соживотот меѓу различните народи и религии во балканскиот регион, велејќи дека такво нешто, мирниот соживот, со векови постоел и за време на османлискиот период.

Куртулмуш изјави дека турските институции во земјата одиграле важна улога во културната дипломатија, воспоставувајќи мостови меѓу народите на двете земји.

Тој рече дека Туркије ја поддржала Северна Македонија од времето на прогласувањето на нејзината независност и додаде:

„И во наредниот период, Туркије и Северна Македонија, како две држави од регионот, ќе работат заедно за да ја гарантираат стабилност на Балканот“, рече претседателот на турскиот парламент, додавајќи дека сега не е време да се зборува за разликите меѓу народите, туку да се постигне безбедност и стабилност и да се чекори заедно кон заедничките цели во соработка и солидарност.“

„Туркије, без да прави разлика меѓу земјите од Балканот, има за цел да ги развива односите со сите нив. Преземаме иницијативи во таа насока и сметаме дека најсоодветниот пат за решение на актуелните спорови во регионот е преку дијалог и меѓусебно одобрување“, нагласи тој.

Шефот на турскиот парламент зборуваше и за случувањата во Сирија, повторувајќи дека Туркије сака да види демократски процес во изградбата на стабилноста и безбедноста во оваа земја, каде сите луѓе, без разлика на етничката или верската припадност, ќе живеат заедно.

Куртулмуш се осврна и на судирот меѓу Русија и Украина, истакнувајќи: „Крајот на руско-украинската војна, која трае околу три години и во која загинаа десетици илјади луѓе, е едно од основните очекувања на Туркије.“

Куртулмуш ја повика меѓународната заедница да преземе мерки за запирање на израелскиот геноцид во Газа, оценувајќи дека тоа е услов да се запре Израел и Палестина да започне нов период каде ќе има безбедност и стабилност.

На програмата присутвуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство, Арбен Таравари, пратеници, амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој, потпретседателот на ТИКА, Махмут Чевик, претставници на турски институции и организации во земјава, политичари и други гости.

Инаку, Куртулмуш денеска во Скопје пристигна заедно со делегација во која се заменик-претседателот на групата на АК Партијата, Бахадир Јенишехирлиоглу, претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије-Северна Македонија, и пратеник од Бурса, Ахмет Килич, пратеник на АК Партијата од Ван, Кајхан Туркменоглу, пратеник на АК Партијата од Чорум, Јусуф Ахлатџи, заменик-претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије - Северна Македонија, пратеникот на ЏХП од Киркларели, Веџди Гундогду, пратеникот на МХП од Бурса, Февзи Зирхлиоглу, пратеник на партијата Саадет од Измир, Мустафа Билиџи и амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој.

Куртулмуш ќе присуствува на програмата организирана во училиштето на Фондацијата Маариф во Тетово по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, а ќе ги посети и Меѓународните балкански универзитети и Универзитетите во Тетово, каде ќе им се обрати на студентите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.