Lejla Biogradlija
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
БАЊА ЛУКА (АА) - Војната на Русија против Украина ги принуди босанските Срби да ги одложат плановите за отцепување на Република Српска (РС) од националните институции на Босна и Херцеговина (БиХ), изјави српскиот член на Претседателството, Милорад Додик, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на седницата на Парламентот на РС во градот Бања Лука, Додик рече дека отцепувањето од главните федерални институции за да се постигне суверенитет е одложено.
Додик, исто така, истакна дека тие се против Босна и Херцеговина да воведе санкции кон Русија поради војната.
„Република Српска ќе ја задржи својата „неутрална“ позиција за војната во Украина“, додаде тој.
Во 1995 година, Дејтонскиот договор, кој стави крај на војната во БиХ, создаде сложен двоен федерален систем од два главни ентитета - Република Српска и Хрватско-бошњачката федерација на Босна и Херцеговина.
Најлошите политички превирања во земјата од крајот на војната започнаа во јуни минатата година, кога српските претставници започнаа да ги бојкотираат федералните институции откако високиот претставник во заминување Валентин Инцко воведе нов закон со кој се забранува негирање на геноцидот и се криминализира глорификацијата на воените злосторници.
Кризата ескалираше во октомври кога Додик, лидерот на ентитетот Република Српска, најави отцепување од главните федерални институции за да постигне суверенитет.