Abdula Berisha
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународниот аеродром Скопје, менаџиран од авиокомпанијата „ТАВ Македонија“, по четврти пат е добитник на престижната награда за квалитет на аеродромските услуги, која се доделува од Меѓународниот совет за аеродроми (Airports Council International - ACI), јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа меѓународна организација одлучи меѓународната награда „ASQ – Airports Service Quality“ за 2018 година да му припадне на аеродромот менаџиран од компанијата „ТАВ Македонија“, рангирајќи го Меѓународниот аеродром Скопје како најдобар аеродром во Европа во категоријата на аеродроми со помалку од 2 милиони патници годишно.
Порано, Меѓународниот аеродром Скопје ја има добиено оваа награда во 2012, 2013 и 2015 година.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, беше задоволен од добиената награда, и истакна дека додека бројот на патниците постојано расте, компанијата му обврнува особено значење и на квалитетот на услугите.
„Меѓународниот аеродром Скопје е најбрзо растечкиот аеродром на Балканот со двоцифрена стапка на пораст во последните неколку години. Како што веќе знаете, достигнавме до цифрата од 2 милиони патници во 2018 година, само 4 години откако му посакавме добре дојде на милионитиот патник во 2014 година“, рече Ерсој.
Тој изрази благодарност до сите патници коишто дале високи вреднувања, како и свои коментари коишто ќе ѝ помогнат на компанијата и понатаму да го подобри квалитетот на услугите што ги нуди.
Ерсој, исто така, им се заблагодари и на вработените во Меѓународниот аеродром Скопје, за коишто рече дека се најзаслужните за добиената награда.
Престижната награда се доделува како дел од Програмата за квалитет на аеродромските услуги, а добитникот на наградата стана познат на 6 март во седиштето на Меѓународниот совет за аеродроми (ACI) во Монтреал, Канада.
Наградата се доделува врз основа на вреднувањата на патниците, и претставува еден вид признание за аеродромите насекаде низ светот за одличното искуство на патниците.