Husamedin Gina
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Северна Македонија информира дека успешно е завршен процесот на евакуација од Авганистан и на последните државјани на Република Северна Македонија, а кои поради ангажманот во базата на НАТО во Кабул беа последни во распоредот за евакуација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се наведува дека според последните информации кои утрово се пристигнати од дипломатската мрежа, најголемиот дел, или 39 граѓани се наоѓаат во Свиндон, Велика Британија, од каде што по неколкудневниот карантин, согласно епидемиолошките правила на земјата, ќе бидат упатени дома.
Исто така, се посочува дека во Осло, Норвешка, се наоѓаат 7 граѓани на Северна Македонија, кои, исто така согласно епидемиолошките мерки на земјата домаќин, се наоѓаат во неколкудневен карантин, по што наскоро ќе бидат упатени дома.
„27 наши граѓани се наоѓаат во воената база на САД во Доха, Катар, и се на безбедно. Трансферот на овие граѓани кон Европа сѐ уште не е одреден и се прават дополнителни напори и со катарските власти, и со администрацијата на САД, за нивно скорешно упатување кон Скопје“, се нагласува во писменото соопштение на МНР.
Министерството за надворешни работи упати благодарност до сојузниците и нивните претставници во Кабул за големите напори за безбедна евакуација на затекнатите граѓани, како и на претставниците од Работната група и дипломатската мрежа во рамките на Министерството.