Admir Fazlagic
09 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Кратка, но поројна бура со ветрови од над 80 км/ч претпладнево го зафати Скопје и предизвика бројни штети врз јавниот и приватниот имот и зеленило, јавува Anadolu Agency (AA).
До Градот Скопје пријавено е за 30-ина паднати дрвја врз улици и тротоари, бандери и електрични кабли, а некои од нив причиниле и позначајна штета врз автомобили и друг приватен имот.
„Сите јавни претпријатија, Противпожарната бригада и сообраќајната полиција, со сиот свој човечки потенцијал се на скопските улици за со заеднички напори да ги отстранат проблемите во најбрзо време. Во моментов екипите на Градскиот штаб за заштита и спасување приоритетно работат на расчистување на булеварите и градските улици, а потоа се продолжува со помалите општински улици“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Сообраќајот по улиците во Скопје по невремето е нормализиран, а во полиција е пријавено оштетување на 10 возила.
Се очекува поголемите проблеми да бидат отстранети во текот на денешниот ден.
Град Скопје ги повикува граѓаните на трпение и на помош на јавните претпријатија за отстранување на проблемите во градот.