Zülfiya Yakup
27 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Иако изборите за претседател на Србија ќе бидат одржани за една недела, сѐ уште не е познато дали гласањето ќе биде организирано и во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Во претходните години, со согласност на косовската Влада, гласањето во средините каде што живеат Срби во Косово го олеснуваше Мисијата на ОБСЕ.
Портпаролот на Мисијата на ОБСЕ во Косово, Сенад Шабовиќ, за АА изјави дека во тек се консултациите со властите во Приштина и во Белград.
„Сѐ уште немаме конечен резултат од консултациите, ја продолжуваме комуникацијата со властите во Приштина и во Белград. Ќе ги објавиме сите релевантни детали кога ќе бидат разјаснети. Генерално, атмосферата околу ова прашање е позитивна“, наведе Шабовиќ во пишана изјава.
Исто така, тој додаде дека во случај да се постигне договор, Мисијата на ОБСЕ е сосема подготвена да спроведе процес на собирање на гласовите.
Инаку, Републичката изборна комисија (РИК) на Србија минатата недела го усвои упатството за гласање во Косово, во кое е наведено дека претседателските избори ќе бидат спроведени со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, додека за нивно спроведување се задолжени РИК и бирачките одбори. Изборниот материјал за Косово ќе биде доставен до избирачките одбори во Рашка и во Врање, в петок, на 31 март.