Zülfiya Yakup
27 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Пратениците од Српската листа денес се вратија во Собранието на Косово, по шестмесечен бојкот на косовските институции, поради противењето на донесениот Закон за Трепча, jавува Anadolu Agency (AA).
На денешната седница на Претседателството на Собранието на Косово со лидерите на политичките партии, учествуваше и шефот на парламентарната група на Српската листа, Славко Симиќ.
По состанокот на претседателството, потпретседателот на Собранието од редовите на Демократската партија на Косово, Џавит Халити, за медиумите изјави дека владејачката коалиција постојано ги повикува Србите да се вратат во институциите.
„Тие се членови на Собранието на Косово, и како такви треба да доаѓаат и да ги бранат интересите на граѓаните кои ги претставуваат и кои ги избрале“, изјави Халити.
Тој изрази надеж дека тие и покрај пречките што ги имаат од одредени структури, заедно со претставниците на другите заедници ќе работат на изградбата на косовските институции, вклучувајќи ја и армијата.
Враќањето на српските пратеници го коментираше и шефот на пратеничката група на опозициското движење „Самоопределување“, Глаук Коњуфца, кој рече дека за Косово е лошо ако пратениците од Српската листа се вратиле назад за да го поддржат формирањето на армијата, за да добијат за возврат Заедница на српски општини во Косово.
Славко Симиќ, кој е претседател на Српската листа, за белградските медиуми изјави дека одлуката за враќање во институциите на Косово е исклучиво во интерес на српската заедница што живее во Косово, и дека во рамките на Српската листа, претходните денови беше разговарано за можностите за спротивставување преку косовските институции, на транформацијата на косовските безбедносни сили, вооружените сили на Косово и започнување на процесот за формирање на српски општини, договорени за време на дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел.